Кан: Пакистан успешен во спречувањето на пандемијата

Пакистанскиот премиер Имран Кан, бранејќи ја одлуката да не се наметне подолгорочен карантин на неговата земја за време на пандемијата на Ковид-19, а наместо тоа да се изолираат поединечните жаришта на заразата, денеска изјави дека благодарение на ваквиот пристап Пакистан успеа да го потисне ширењето на коронавирусот.

Во објава на Твитер, Кан вели дека Пакистан е меѓу најсреќните земји во светот каде што бројот на новозаразени и починати опаѓа, а ја наведува соседна Индија како спротивен пример.

Тој ги повика жителите да продолжат да се придржуваат кон мерките за физичка дистанца за време на претстојните исламски празници за да избегнат нова пандемија.

Во Пакистан, бројот на смртни случаи од Ковид-19 вчера се намали на 40, што е најниско дневно ниво за приближно еден месец, а, за споредба, на 19 јуни, бројот на смртни случаи беше рекорден – 153.

Денеска бројот на починати е 49, додека бројот на заразени лица се зголеми за 2.085, достигнувајќи вкупно помалку од 260.000.

Кан во мај го укина карантинот, со цел да ја оживее економијата на неговата земја, но бројот на заразени и починати тогаш значително се зголеми, што предизвика критики од голем дел од јавноста во Пакистан. 

Back to top button
Close