Канада и Британија воведоа санкции кон Белорусија по претседателските избори
Велика Британија и Канада денеска воведоа санкции за белоруски функционери и субјекти, по вчерашните избори во таа земја, кои неколку западни земји ги оквалификуваа како „лажни“.
Канада воведува санкции против 10 поединци и 12 ентитети од Белорусија за „тешки и систематски прекршувања на човековите права“ во таа земја. Во соопштението, канадското Министерство за надворешни работи, исто така, ги осуди „лажните претседателски избори одржани во неделата“.
Во соопштението објавено на веб-страницата на британската влада, се наведува дека санкциите претставуваат координиран мултилатерален напор да се бара одговорност од режимот на претседателот на Белорусија Александар Лукашенко.
Канада, Велика Британија, ЕУ, Австралија и Нов Зеланд објавија заедничка изјава во која ги осудуваат „лажните претседателски избори во Белорусија на 26 јануари и тековните прекршувања на човековите права од страна на белорускиот режим“. Белоруската Централна изборна комисија (ЦИК) претходно денеска соопшти дека Лукашенко победил на претседателските избори, освојувајќи 86,82 отсто од гласовите.