Канада: Малцинската Влада на премиерот Марк Карни ги преживеа гласањата за недоверба на буџетот


d Малцинската Влада на канадскиот премиер Марк Карни успеа да преживее две гласања за недоверба на буџетот, со што засега се отстранети сомнежите за можноста за распишување вонредни избори оваа зима.

Канадските либерали во петокот обезбедија поддршка за второто од трите клучни гласања за буџетскиот план, што го отвора патот за усвојување на документот кој предвидува десетици милијарди нови трошоци. Според весникот „Гардијан“, либералите се потпреле на поддршката од дел од опозициските пратеници, па со заедничко гласање со конзервативците е обезбедено мнозинство за продолжување на буџетската процедура.

Министерот за финансии, Франсоа-Филип Шампањ, го претстави документот, нагласувајќи дека тој ги одразува последиците од трговските тензии со САД и забавувањето на домашната економија. Буџетот предвидува значително поголем дефицит од првично планираното – дури 78,3 милијарди канадски долари во периодот 2025–2026 година, наместо 42,2 милијарди. Сепак, Владата најавува постепено намалување на буџетскиот дефицит на околу 56,6 милијарди долари до крајот на деценијата.

– Нивото на неизвесност е поголемо отколку што сме виделе и почувствувале со генерации. Потребна е смела и брза акција, порача Шампањ до пратениците. Според него, Владата планира серија „меѓугенерациски инвестиции“ кои трајно ќе ја променат структурата на канадската економија.

Иако либералите имаат само 169 пратеници, што е за три помалку од мнозинството потребно за усвојување на буџетот без помош од другите партии, премиерот Карни покажа политичка упорност и прагматизам. Поддршка доби и од еден конзервативен пратеник, Крис д’Антремон, кој отворено го критикуваше раководството на неговиот партиски шеф Пјер Поалиевр и најави дека ќе „гласа во интерес на стабилноста на земјата“. Неговото преминување се смета за клучна победа за Карни.

Политичките аналитичари укажуваат дека премиерот користи имиџ на технократ и економист кој се обидува да ја „одвои економската од политичката логика“. Сепак, се повеќе се зборува дека либералите би можеле да го искористат привременото политичко затишје за да ги консолидираат своите сили и да спречат нови избори..

– Карни не е типичен политичар. Тој сака да дејствува над партиските поделби, но малцинската Влада бара политичка вештина и подготвеност за компромис, оцени Лори Тарнбул, директорка на Школата за управување на Универзитетот Далхузи.

Засега, канадскиот премиер доби драгоцено време – но исходот од последното гласање за буџетот во средината на ноември ќе покаже дали овој успех е само привремено одложување на можната изборна криза.

Back to top button
Close