Канада со инвестиција од речиси 450 милиони долари во производство на електрични возила

Владата на канадскиот премиер Џастин Трудо и провинцијата Онтарио најавија инвестиција од 295 милиони канадски долари (223 милиони американски долари) во фабрика на „Форд”, која е прогласена за најголема фабрика за електрични возила во Северна Америка.
На заедничката прес-конференција со премиерот на Онтарио Даг Форд, Трудо ги оцени инвестициите од вкупна вредност од 590 милиони канадски долари (речиси 446 милиони американски долари) „еден од првите чекори во градењето на автомобилската индустрија од следната генерација”.
– Исто така, тоа ќе и помогне на Канада – доколку Канаѓаните купат електрични возила произведени во фабриката – да се придвижи кон нејзината цел нула емисии на јаглерод до 2050 година, рече тој.
Монтажната фабрика во Оуквил, Онтарио, ќе биде обновена како дел од договорот објавен минатиот месец меѓу компанијата „Форд мотор” и канадскиот сојуз „Унифор” за изградба на пет нови модели на електрични возила и батерии за нивно напојување. Проектот е проценет на 1,8 милијарди долари и ќе обезбеди до 5.400 работни места во Канада, вклучително и над 3.000 во фабриката во Оуквил.
– Денешното соопштение претставува најголема инвестиција во автомобилскиот сектор во Онтарио во последните 15 години, рече Даг Форд, додавајќи дека фабриката „ќе биде најголемата фабрика за електрични автомобили во Северна Америка”.
Според него, „ова е историски момент”.
Во Канада, според статистичките податоци, минатата година се регистрирани 1,9 милиони нови автомобили, но иако продажбата на електрични возила скокна за речиси 40 отсто, тие претставуваат многу мал дел од вкупниот број автомобили и камиони на канадските патишта.