Кандидат за градоначалник со маска од диносаурус кај Вардариште: Од метанот од депонијата да произведуваме струја

„Ќе изумреме како диносаурусите, ако не се справиме со загадувањето“, порача денеска кандидатот за градоначалник на Скопје од граѓанската платформа „Независни заедно“, проф. Горан Марковски, носејќи маска од диносаурус на прес-конференција одржана во близина на депонијата „Вардариште“ која сè уште гори. Тој предложи стручно решение за депонијата – искористување на метанот кој се ослободува од ѓубрето за производство на електрична енергија.

„Во ѓубриштето има голема количина на метан. Метанот е лесно горлив материјал и мала искра предизвикана од било што може да предизвика пожар“, објасни Марковски. Тој посочи дека постојат веќе применети методи на над 200 локации во Европа за собирање на метанот преку цевки, кој потоа може да се искористи за производство на струја. „Постои можност оваа енергија којашто денес ни создава проблем да ја искористиме и за производство на електрична енергија. Само треба знаење, одговорност и секако независност“, рече Марковски.

Јана Белчева-Андреевска, носителка на советничката листа на „Независни заедно“, дополни дека постојат многу стручни насоки кои досега биле игнорирани. Таа предложи модерен и реален план за обезбедување на локацијата, кој вклучува затворање на просторот за диво депонирање, воведување на 24/7 периметарска контрола со видео-аналитика и препознавање на регистарски таблички, како и употреба на термални камери и дронови за откривање на нови жаришта и истурања уште во зародиш.

Овие предлози доаѓаат во време кога пожарот на „Вардариште“, кој избувна на 31 август, сè уште е активен и го загадува градот. Револтираните жители на Аеродром најавија дека ќе продолжат со секојдневните протести и блокади на раскрсницата меѓу булеварите „АСНОМ“ и „Србија“ во 18 часот. Во меѓувреме, Основното јавно обвинителство вчера побара притвор за три лица осомничени дека се одговорни за пожарот

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close