Кандидатите за нов лидер на ПД со различен став од Баша за причината за поразот на изборите

– Соочување од далечина, преку телевизиските екрани, е начинот на кој, главно, ја водат кампањата четворицата кандидати, за нов лидер на албанската опозициска Демократска партија(ПД).

Актуелниот лидер Љуљзим Баша, кој цели кон трет мандат, во кампањата од противкандидатите се разликува околу причините за поразот на парламентарните избори, што се одржаа на 25 април.

Тој обвинува за изборен масакр, додека заеднички именител на изјавите на тројцата противкандидати е дека токму тој е главниот виновник за последователниот пораз на парламентарни и локални избори и оти е неопходна длабока реформа во партијата.

-Повлекувањето пред оние кои сметаат дека 25 април е победа на Рама, а не изборен масакр, може да доведе до раздор во нашите редови. Затоа, ќе направам се што е во моја моќ да го запрам ова и ве замолувам вас и сите оние кои партијата ја ставаат над себе а Албанија над се, да не му го дозволиме овој луксуз на противникот, вели Баша.

Еден од кандидатите, Агрон Шехај вели дека ја изгубил вербата во враќањето на демократите на власт се додека Баша биде на чело на партијата.

-Ние мора да се соочиме со вистината, изборите ги изгубивме, ние не победивме. Ако сакаме да победиме на избори, мора да го смениме раководството на Демократската партија. Ова е причината зошто ја најавив својата кандидатура за претседател на Демократската партија , рече Шехај.

Ривалите на Баша инсистираат на длабока реформа во Демократската партија.

-Верувам дека обединувањето на Демократската партија треба да почне со отворање на партијата и обединување на сите кои придонесуваа од 90-тите до последните години, порачува Едит Харџи, единствена жена кандидат за оваа функција во партијата до сега.

-За да ја смениме ПД, мора да ја обединиме партијата, да ги приближиме луѓето. Ве покануваме да го смените правецот на партијата, смета Фатбард Кадили.

Кампањата на која тие ја презентираат сопствената платформа трае до 12 јуни, а следниот ден ќе биде гласањето по принципот „еден член, еден глас“.

Back to top button
Close