Капитенот на Манчестер Јунајтед пуштен на слобода

– Капитенот на Манчестер Јунајтед Хари Мегваер, кој вчера беше уапсен на грчкиот остров Миконос, денеска, откако даде исказ пред јавен обвинител во присуство на неговите адвокати, пуштен е на слобода, а судскиот процес е закажан за во вторник, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Според официјалното соопштение од грчката полиција, Мегваер, заедно со уште две лица се товарат за насилство врз службеници и физичка повреда, како и за обид за поткуп на службеник.

Полицајците на Миконос интервенирале да ја смират тепачката, но биле вербално и физички нападнати од тројцата уапсени.

Откако биле уапсени и одведени во полициската станица на островот, според полицијата, еден од уапсените се обидел да понуди пари за да не продолжи предвидената процедура.

Мегваер и неговите двајца пријатели утрово беа изведени пред јавен обвинител на грчкиот остров Сирос.

Според грчките медиуми, одбраната на капитенот на Манчестер Јунајтед изјавила дека Мегваер бил вербално нападнат од група британски туристи, навивачи на друг тим, а еден од групата физички, со остар предмет ја нападнал сестрата на Мегваер, што било и причина за тепачката.

Во однос на обидот за поткуп на полицајците, според грчката телевизија „Мега“, дошло до недоразбирање со полицајците кога капитенот на Манчестер Јунајтед прашал дали може да плати за инцидентот, повикувајќи се на конкретен британски закон. ср/сд/

Back to top button
Close