Каракачанов го подучи колегата: Иванов да биде љубезен и да молчи за Македонија

Наш национален интерес е во ЕУ да влезе пријателска, а не антибугарска Македонија. Затоа Христо Иванов треба да биде љубезен и да молчи за Македонија, реагираше поранешниот вицепремиер на Бугарија, Красимир Каракачанов, на социјалните мрежи откако лидерот на Демократска Бугарија во обраќањето пред Народното собрание рече дека треба да се најде решение за проблемот со земјава.

„Наш национален интерес е во ЕУ да влезе пријателска, а не антибугарска Македонија. Затоа Христо Иванов треба да биде љубезен и да молчи за Македонија. Ова што го кажа денеска може да биде секаков, но не и од бугарски интерес“, напиша Каракачанов на фејсбук.

Денеска Иванов посочи дека Бугарија треба да покаже цврстина и, како што рече, да ја одбрани вистината, но и дека треба да се изнајде решение за проблемот.

– Ние во овој парламент треба да го браниме бугарскиот национален интерес, да покажеме цврстина, но и смелост, за да најдеме решение за проблемот со Република Северна Македонија. Треба да се одбрани вистината, но треба да се најде начин заедно да станеме членови на европското семејство, бидејќи тоа е бугарски национален стратегиски интерес – рече Иванов.

Новиот состав на бугарскиот парламент денеска одржа конститутивна седница.

Back to top button
Close