Каракачанов, „вентилаторот“ и црвените атоми

Ако иднината ни зависи од Каракачанов и сличните на него, таа иднина не би била европска, туку антиевропска, пишува Дојче веле

Нема само Северна Македонија проблеми со Бугарија. Барем не помалку отколку проблемите што со неа ги има Европската Унија, како и бугарските граѓани кои со месеци протестираат против нетранспарентноста, растечката корупција и олигарсите заштитени од власта, со кои не може да се справи политички контролираниот судски систем, а уште помалку медиуми, од кои дел егизстираат од финансиски инфузии од истата таа олигархија.

Тоа има една клучна врска со европските вредности: спротивно е на нив. Северна Македонија не се меша во начинот на кој оваа земја-членка на ЕУ ги решава или се обидува да ги реши нејзините внатрешни предизвици. Бугарија е наш сосед со кој сакаме да градиме пријателски, добрососедски односи и европски вредности, исто како и со сите други соседи. Но, тоа е тешко остварливо кога едната страна наметнува монопол врз вистината, па така добиваме „дијалог“ во кој се завршува со предзнак – бугарско: бугарска историја, бугарска вистина, бугарска чест, бугарско минато, бугарска востание, бугарски просветители, бугарска азбука… Практиката „македонското“ да се става исклучиво во територијален контест, а никако во етнички, не кореспондира со реалноста. Северна Македонија е држава во која живеат Македонци со полнокрвен македонски етнички идентитет и тоа никој не може да им го негира, а уште помалку да ги „превоспитува и национално освестува”. За среќа, за истото говорат и либералните кругови во бугарското општество. Но, што со оние кои живеат во минатото и кои го политизираат за политички цели, а се во власта?

Поради такви политичари, односот на Бугарија кон Северна Македонија мора да биде ставен под лупата на Брисел. Не само заради (на)извесноста на првата меѓувладина конференција, туку заради европските вредности кон кои се стремиме. Што би се случило ако бугарскиот вицепремиер и министер за одбрана, Красимир Каракачанов најавеше дека во некоја земја- членка на ЕУ ќе испрати инженериски полк или луѓе од неговата партија, за да ги расчистат спомен плочите или спомениците кои не му се допаѓаат нему? Ќе беше врвен скандал.

Толерирањето на однесување во стилот на локален шериф од некогашниот Див Запад, не оди во прилог на градење пријателство, доверба и соработка. Тоа што Северна Македонија не е членка на ЕУ, не значи дека треба да биде олеснителна околност што ќе им даде супериорна позиција на политичари од земји- членки за да се изживуваат со земји кандидати. Каракачанов, во радио интервју го стори токму тоа. Обвини дека сме станале „нахални кон една држава од која зависи, не мал дел од нашата иднина“.

Ако иднината ни зависи од Каракачанов и сличните на него, таа иднина не би била европска, туку антиевропска. Иста како што е неговата изјава, според која тој за 24 часа би ги решил сите недоразбирање на историски план.

„Ако треба ќе им го пратам инженерскиот полк да им помогне да ги тргнат побрзо или ќе им пратам од мојата организација ВМРО, ќе ги тргнат за 24 часа. Не можеме да дозволиме една држава да гради идентитет на база на учебници во кои се вели дека Бугарите биле убијци, фашисти, Татари, окупатори, држава која со политика создава национално малцинство во Бугарија и го загрозува територијалниот интегритет на Бугарија“, изјави Каракачанов, лидер на партијата ВМРО-БНД, вицепремиер, министер за одбрана на земја -членка на ЕУ и решавач на историски спорови по брза постапка.

Македонија во дел од нејзината историја, која Бугарија не сака да се спомнува, видела многу такви полкови. Најмалку инженериски. Фактите треба да останат во историјата, а земјите да градат пријателство кое од тоа минато ќе учи, а не да го ретушира, ниту повампирува.

„Ние какво искаме? Неколку простички нештa. Историјата до 1945 година да биде оставена на мира“, вели Каракачанов.

Таа работа не е простичка („едноставна“ – преведено од бугарски на македонски јазик), туку простачка. Што има историски научно во намерата да го лишите соседот од неговата историја пред тој период? Небаре изникнал преку ноќ, како што тврди Каракачанов, во коминтерновската лабораторија на Тито, без никаква идентитетска свест за себе, без никаква претходна битка, жртва, знаме, востание, идеали за слобода, за своја држава…

За екстремот до кој оди тој монопол врз историјата, сведочи и следнава негова изјава: „Нема два востанија. Има едно востание – бугарско востание, има еден народ – бугарски, кој знамињата што ги крева за Илинденското востание се со бело, зелено и црвено, со бугарски лав, и пишува ‘слобода или смрт’, а го нема оној вентилатор кој е денеска некаков грб на Македонија“.

За што разговараме, ако Бугарија го има печатот врз целата историска „вистина“? Но, оваа изјава бара и особено внимание од македонските власти, кои треба да побараат објаснување од официјална Софија за изјавата на нивниот министер. Вакви изјави не одат во прилог на добрососедските односи меѓу двете земји, ниту во прилог на заедничка европска иднина.

А со такви изјави во бугарското општество се поттикнува незадоволство дека Бугарија треба да претрпи штета, „потклекнувајќи“ пред нерешените историски спорови, само за да и го отвори патот на сосетката кон ЕУ.

„Да се запрашаме, каква е користа за нас како држава, од тоа Македонија да е членка на ЕУ. Од тоа што го гледам во Скопје во последните години, ќе имаме проблеми (со Северна Македонија) во ЕУ”, изјавил историчарот и бивш ректор на Софискиот универзитет, Иван Илчев“ за БНТ, коментирајќи ја последната средба во Скопје на зедничката комисија за историски и образовни прашања.

Во излагањето се послужил со стихови од бугарската поетеса Елисавета (Белчева) Багрјана.

„Карајно време е да се оттргнеме од тоа, што Елисавета Багрјана го нарекуваше црвените крвни зрнца на славјанскиот сентиментализам, да гледаме на Северна Македонија како соседна држава со свои интереси, и да забравиме дека  една третина од населението на Софија се од Северна Македонија. Треба да има реалполитика”, изјавил Илчев.

За да нема слободни интерпретации и несакани фалсификати, треба да се напомене дека стиховите во песната “SOS” на Багрјана од 1932 година, гласат вака:

„Дали сме виновни што во нашата балканска крв пливаат

белите атоми на славјанскиот сентиментализам

и црвените – на примитивните татарски племиња?”

Уште едно прашање вредно за размислување.

Текстот е преземен од Дојче веле

 

Back to top button
Close