„Караманови поетски средби“ во Радовиш

„Караманови поетски средби“ се одржаа вчера и завчера во Радовиш во организација на ОУ Центар за култура „Ацо Караманов“ и ОНБ „Браќа Миладиновци“.

Во поетскиот мозаик со македонски поети и поети од странство, како што соопшти Организацискиот одбор на „Караманови поетски средби“, учествуваа поетите: Никола Маџиров, Борче Панов, Вања Изова Велева, Марина Мијаковска, Јовица Илиќ, Даниела Андоновска-Трајковска, Валерио Орлиќ, Звонко Танески, Мамта Сагар и други.

Лауреат на наградата „Караманов“ за 2020 година е Кристина Николовска за стихозбирката „Разден“, а промотори на лауреатот беа д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Венко Андоновски.

Се промовираше првата „Антологија на Караманови поетски средби 1967-2020 година“, а нејзин приредувач и промотор беше поетот Борче Панов. Како дел од богатата програма беше и промоцијата на книгата на Маи ван Фан „Новогодишно бањање“ и на Раед Анис Ал-Јиши „Зачуден барут“, а промотор беше проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Во рамките на средбите се одржа и трибината „Младите и новите трендови во македонската книжевност“ со проф. д-р Кристина Николовска, д-р Марина Мијаковска и проф. д-р Даниела Андоновска-Трајковска.

Средбите завршија со промоцијата на зборникот на поезија за деца и младинци „Тајна“ на приредувачот Славчо Атанасов, а промотор беше Изабела Ангелова

Back to top button
Close