Каранфилова-Пановска: Не познавам ниту еден од новоизбраните членови на раководството на СДСМ
Заменик претседателката на СДСМ Фани Каранфилова-Пановска во интервју за ТВ21 изјави дека не познава ниту еден од новоизбраните членови на раководството на партијата.
На прашањето дали има луѓе на високите позиции во партијата кои се поврзани со поранешниот претседател Зоран Заев, таа вели:
„Искрено да ви кажам, освен еден-двајца, претседателот Филипче и потпретседателката Чупеска, која ја знам од „претходниот живот“, условно речено, ниту еден од новото раководство и од Извршниот одбор не познавам и апсолутно не можам да коментирам и да кажам дали некој од тие луѓе и какви релации имаат со било кој од претходните претседатели на СДСМ“, рече Каранфилова-Пановска.
Таа рече и дека ќе се стреми партијата да се „возобнови“ и да биде граѓанска опција.
„Мојата главна амбиција е зошто се нафаќам на оваа работа, е затоа што сметам дека СДСМ треба да се возобнови, и да прерасне во една вистински граѓанска опција. Знаењето и искуството, вклучително и мрежите што ги носам и дома и надвор од границите на државата, мислам дека може да бидат една голема предност во оваа ситуација. Мислам дека може да дадат еден нов квалитет на начинот на кој се размислува и се работи во СДСМ, и мислам дека со мојот избор можеби дури граѓанското општество, граѓанските организации, граѓаните генерално, ќе почувствуваат дека во партијата имаат некаков поголем сојузник“, рече Каранфилова-Пановска.