Карантин

Овој вирус е монструм. Само тоа  децидно го потврдуваат компетентните светски авторитети во експертизите. И ништо друго не потврдуваат.

Треба само да ги читате редовно  најважните глобални медиумски изданија и да го заклучите ова. Никој од нив нема да потврди дали вирусот е airborne. Но не ни одрекува. 

Еден од нив вели, сигурно е дека заразата може да се пренесе преку клима уредите. Научничка од познат американски универзитет цинично вели, дистанцата од 2 метри како мерка е превземена од праксата на шпанскиот грип кога абер немало од постоење на компјутерска технологија. Денес со технологијата преку компјутерска симулација е докажано дека при брзина на ветерот од 15 км/час на отворено, вирусните капки може да патуваат 9 метри плус. Еден друг научник вели, со сигурност вирусот покрај белите дробови, ги разорува крвните садови предизвикувајќи инфаркт, мозочни удари…

На почетокот СЗО велеше само заразените треба да носат маски. Затоа што немаше доволно маски и ги лажеа луѓето.  Дури државите си ги крадеа меѓу себе. Сега вели обратно. Сите треба задолжително да носат маски, што е логично. Сега маски има доволно. 

Еден вели, вакцината е готова, а друг пак вели, можеби никогаш нема да се најде вакцина. Јас им верувам и на двајцата. 

Дома

Сите мерки од медицински аспект досега превземени, се best practice од меѓународната пракса. Така и треба. И тоа е за пофалба со едно големо браво. 

Проблемот започнува со нивната имплементација. Како и во се досега во овие 30 години. Но овој пат, неспроведувањето на имплементацијата чини животи секој ден. Се е оставено на совеста на граѓанинот. Да не се лажеме. Совест во оваа вечито транзициска држава,нема. Скопјаните имаат станови и викендички во Маврово, Охрид и Дојран. Охриѓаните, мавровците и дојранците обратно. Имаат станови во Скопје. Тоа е нормално. Но сигурно не е совесно да не се почитуваат одлуките на владата. Така се мисли и на државата, не само на личниот и фамилијарен интерес. Делува горчливо кога голем дел од нив на скараџиската социјална мрежа споделуваат фотки од Охрид, Дојран и Маврово и запенето критикуваат. И делат совети. Но нема фотки за нивната совест. 

Еден познат локален експерт по медицина вели, заради 20 проценти несовесни граѓани, страдаат 80 проценти од граѓаните. Си дозволувам да не се согласам. Затоа што мислам дека е обратно. Исто како во стариот скопски виц кој вели:

Млад специјализант на пракса во психијатриската болница во Скопје прави “алгоритамско“ интервју со пациент:

  • Зашто си овде?
  • Пациентот( изнервирано): По кој пат ќе ме прашувате исто?!! Знаеш зошто?! Затоа што ние што сме овде, сме мањина! Будалите се надвор!! А тие се веќина!

Не верувам дека изјавата е исправна. Мислам дека е обратно. Дваесет проценти “совесни“ страдаат од 80 проценти несовесни граѓани. Но, проблемот постои и кај “совесните“ граѓани. Најголемиот дел маските ги носат под носот, на чело или под брада. Затоа што не можеле да дишат и им било топло. Здраствените работници се по 12 часа на нозе и во скафандери за да спасат животи. Нив не им е топло.               

А и тоа е докажано дека преку носот вирусот најбрзо патува до белите дробови. Како што е докажано дека од здрав и прав, за два дена може да завршиш на респиратор.

Избори

Државата ќе оди во карантин. Освен Србија, сите останати во соседството  и пошироко ќе не испратат во карантин. Србија нема да не затвори, затоа што им треба отворена граница  само да “прошишаат“ низ државата до Халкидики. Не од што многу не сакаат или сочуствуваат со нас. 

Не треба никому да се лутиме. Сами си го направивме во услови на техничка влада во чиј состав  има и независна деструктивна и субверзивна влада. Така се стигнува до нефункционална држава. Покрај БИХ ние станавме втората нефункционална држава во регионот на долг период. 

Изборите мора да се одржат на 5 јули, без разлика дали некој ќе бојкотира или не. Само така може повторно да почнеме од нула во репарирањето на се што е срушено во овие 90 дена. Ако можеме да одиме во маркет, аптека, кафана според пропишани правила, можеме и да гласаме. Патем, секој друг датум води кон неуспешни избори. Освен, да се замоли грчката влада карантинот да ни го продолжи до крајот на август за да не избегаме на Халкидики. 

Евентуалниот бојкот од ДПМНЕ нема да создаде политичка криза. Будипештанското ДПМНЕ е само една од многуте ВМРО партии кои сигурно ќе учествуваат на изборите. Истото важи и за ДУИ. Тоа е прашање на добра воља на група на граѓани преку својата партија да одлучат дали ќе одат на избори или ќе бојкотираат. И во ваква  ситуација не може да биде пресудно мислењето на “меџународната“ заедница. Затоа што и тоа е тест од нивна страна дали може државата да носи безкомпромисни но и разумни одлуки. Или ќе тоне во својата нефункционалност, дури повеќе и од БИХ. 

Еден млад човек кој е партиски инволвиран ми вели, ако победи будипештанско- Али Амети коалицијата, сите останати ќе не развозуваат во гепеци низ државата долги години. Си помислив, времињата се променија. Во гепеци овој пат нема да ја развозуваат само неговата партија, туку и противниците на Амети од албанскиот блок. До таму е дојдено. 

Затоа на избори на 5 јули. Следниот слободен термин е декември во екот на вториот реален бран. 

Руди Лазаревски

Back to top button
Close