Каратистот Видевски негира вина во убиството на Вања и Панче, завршува увидот во доказите
Велешанецот Боре Видевски негира вина дека бил инволвиран во грабнувањето и убиството на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот Панче Жежовски. Во очекување на обвинението за случајот која ја потресе земјата, Видевски го сменил исказот, иако првично кога беше приведен заедно со другите осомничени Влатко Кешишов и Велибор Манев пред органите за прогон го тврдеше спротивното. Ова за Телма го потврдил неговиот адвокат Бојан Манев по денешната јавна седница во Врховниот каде се жалеа за притворот на Видевски.
„Обвинетиот во исказ пред јавното обвинителство целосно го негираше постоењето на двете кривични дела и на убиството на Панче Жежовски и на убиството на девојчето во Скопје и по направениот увид во јавното обвинителство ќе доставиме соодветни докази кои ќе го потврдат неговото тврдење “, вели Манев.
Видевски во највисокиот суд бараше да му се определи куќен притвор, бидејќи немало основи да биде држен во затворот во Шуто Оризари.
„При завршена истражна постапка овдека не може да стане збор дека обвинетиот би бегал од државава затоа што и нема пасош за да може да избега, а не може ниту да влијае на сведоци, ниту да попречува истрага, ниту пак да го повтори кривичното дело“, додаде Манев.
Видевски беше краток во своето излагање пред судот и само кажа дека се согласува со кажаното на неговиот адвокат и дека нема ништо друго што да додаде. Врховен суд ја одби жалбата и тој останува во притвор.
…