Карни на средбата со Трамп: Канада никогаш нема да биде на продажба

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги започна првите разговори со канадскиот премиер Марк Карни, ветувајќи дека ќе ги покрене „тешките точки“ што ги разделуваат двете земји откако Трамп воведе царини. Средбата во Овалната соба започна со насмевки и ракување, и покрај изјавите на Трамп дека сака Канада да стане 51-ва американска држава, предлог што ги влоши билатералните односи.

Темата брзо беше покрената кога двајцата лидери одговараа на прашања од новинарите. – Нема да разговараме за тоа освен ако некој не сака да дискутира, рече Трамп, додавајќи: Тоа би бил прекрасен брак. Карни решително го отфрли предлогот: Канада не е на продажба, никогаш нема да биде на продажба, му рече тој на Трамп. – Никогаш не вели никогаш, одговори Трамп.

На прашањето за неговите претходни изјави дека Канада може да стане 51-ва држава, Трамп рече: За танго се потребни двајца и наброја низа придобивки што, според него, Канаѓаните би ги добиле, но Карни одговори внимателно: „Како што знаете од недвижности, некои места никогаш не се на продажба. Сега сме во едно такво место – не е на продажба“.

Трамп, чија царинска политика ги вознемири светските пазари, рече дека со Карни ќе разговараат за „тешки точки“, алудирајќи на неговото убедување дека САД можат без канадски производи. „Без оглед на сè, ќе останеме пријатели со Канада“, додаде тој.

Карни, чија Либерална партија победи на изборите на 28 април со ветувања за справување со политиките на Трамп и создавање нова економска и безбедносна врска со САД, беше избран за лидер во март, заменувајќи го Џастин Трудо, кој имаше лоши односи со Трамп.

Кратко пред пристигнувањето на Карни, Трамп објави на социјалните мрежи: „Многу сакам да работам со него, но не можам да разберам една едноставна ВИСТИНА – зошто Америка ја субвенционира Канада со 200 милијарди долари годишно, плус им дава БЕСПЛАТНА воена заштита и многу други работи? Не ни требаат нивните автомобили, енергија, дрвна граѓа, НИШТО од она што го имаат, освен нивното пријателство, кое се надеваме ќе го задржиме. Тие, од друга страна, имаат потреба од СЀ од нас!“

Трамп, очигледно, алудираше на трговскиот дефицит на САД со Канада, главно поради увозот на канадска нафта, иако канадскиот трговски суфицит во 2024 година изнесуваше 102,3 милијарди канадски долари (74,25 милијарди американски долари).

На прашање дали Карни може да го убеди да ги укине царините, Трамп одговори: „Не.“ Запрашан зошто, тој рече: Е па така.

Канада е вториот најголем трговски партнер на САД по Мексико и најголемиот извозен пазар за американски производи, со трговија од над 760 милијарди долари минатата година.

Американското Министерство за трговија денеска објави дека трговскиот суфицит на Канада со САД во март се намалил на најниско ниво во последните пет месеци, кога царините на Трамп за челик и алуминиум од 25 отсто стапија во сила. Канадскиот извоз во САД падна за 3,7 милијарди долари, втор најголем пад во историјата. Сепак, канадските податоци покажаа дека овој пад беше речиси компензиран со зголемен извоз во други земји, бидејќи канадските компании бараа нови пазари.

По јавниот дел од средбата, Трамп и Карни продолжија со приватни разговори и заминаа на ручек, без присуство на медиуми.

Back to top button
Close