Карпош ќе добие дневен Центар за лица со аутизам

Отворањето на дневен Центар за лица со аутизам на територијата на Карпош, кој ќе има за цел да овозможи нега и развој на вештините кај овие граѓани, беше главна тема на разговор на денешната средба меѓу градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и амбасадорот на Бугарија во Скопје, Ангел Ангелов.

Од општинската прес-служба информираат дека овој центар се предвидува да се отвори во Тафталиџе 1, во просториите на постоечката амбуланта. Се очекува теренските активности да почнат на почетокот на 2021 година, а отворањето на дневниот Центар да биде во текот на пролетта,  2021 година.

Имено, слична ваква установа постои во Нови Сад (Србија), а згрижувачкиот капацитет би бил од 30 до 50 лица. Во насока на развивање на вештините кај овие лица се разговараше и за поставување на посебни содржини во надворешниот дел, како и изградба на сензорен парк.

– Со поддршка на оваа амбасада се планира целосно уредување на внатрешниот дел, реконструкција и негово адаптирање за прифаќање на лицата со аутизам. За овој центар, кој ќе биде прв од ваков тип во нашата држава, обезбедена е поддршка и од Министерството за здравство и од ЈЗУ Здравствен дом – Скопје, соопштуваат од Општината.

Градоначалникот Богоев ја изразил подготвеноста на Карпош да се вклучи во надворешно уредување на околниот простор, кој ќе се користи за лицата со попреченост, за различни рекреативни и едукативни цели.

– Како локална самоуправа даваме голема поддршка за младите лица со попреченост – децата (преку отворање на сензорните соби во училиштата и градење инклузивни игралишта). Овој центар навистина ќе овозможи поголема заштита на оваа категорија млади од 15 до 30 години, кои треба да се почувствуваат понезависни и да придонесуваат во заедницата, рече Богоев.

Антонија Велева, координатор на проекти во Република Северна Македонија од Амбасадата на Бугарија и Весна Стојановска од НВО „Во мојот свет“ детално ги претставија активностите на овој центар.

Градоначалникот Богоев му се заблагодарил на амбасадорот и на другите ресорни институции кои ја препознале Карпош како инклузивна општина, која може да обезбеди унапредување на условите за живот на лицата со аутизам.

Back to top button
Close