КАРТ БЛАНШ

Трагедијата во швајцарскиот скијачки центар Кран Монтана, која на првиот ден од оваа година ни ги врати морничавите слики од нашата трагедија во Кочани, не може да биде алиби за власта за непостапување кога треба строго да се применуваат законите и безбедносните процедури. Да биде алиби дека за трагедија во која во пожар ќе загинат 63 млади луѓе додека се забавуваат во бар или во дискотека, не е крива нашата бахатост, корупцијата и непочитување на законите, оти тоа се случува и во развиената Швајцарија, со супер регулирани закони и строги казни за прекршителите.

Не се грижам што ќе преземе Швајцарија по оваа трагедија во која загинаа 47 луѓе и бројката на настрадани уште расте. Мојата грижа е што нашата власт досега не презеде ништо за да не ни се повтори кочанската трагедија.

Во тек е судењето, некојпат ќе се осудат виновните, ама се плашам дека едноставно, нема политичка волја трајно да се поправат грешките што доведоа до низа трагедии што ни се случија последниве години поради корупција и непочитување на законите. Еве, дојде и нова година, кај и да е ќе одбележиме и годишнина од трагедијата, ама уште со прст не е мрднато да се подобрат безбедносните стандарди за јавните објекти и јавните простори.

На 28 март 2025, на ова исто место напишав: „Владата има ‘карт бланш’ ако вистински сака да направи промена. И има шанса одеднаш да ги доведе работите во ред без да им се правда на криминалците зошто го прави тоа“.

И тогаш посакав, а и сега многу би бил среќен ако власта која има суперстабилно парламентарно мнозинство ја искористи моќта да направи коренити промени за добро владеење. Наместо да се правда за сопствените грешки и да ги обвинува другите, да го искористи Кочани како поттик за акција. Да ги смени сите закони, правилници и подзаконски акти што со години се кроеле така што ги игнорирале правата на граѓаните, а им помагале на криминалците, демек сѐ да личи дека е по закон. И најважно – да ги спроведе во пракса, без исклучок.

Наместо добро владеење, гледаме дека кој сака и каде сака си става рингишпили без дозвола, си продава храна и пијачки без фискални, а медиумите со денови бараат одговор кој е надлежен да казнува и да отстранува нелегално поставени реквизити. Импровизирано покриени кафеански тераси и затворени од сите страни со најлони, каде се пуши, се греат на плински греалки, па уште за добро расположение покрај боците со плин се палат прскалки и жижици. На легализирана дивоградба од хотел си се доградуваат нелегални катови и терасички, ќе бараме виновници кога ќе настрада некој гостин. Наместо газдата на кафеана да се тресе од државата кога инспекција ќе му го затвори локалот, тој си ги кине пломбата и лентата и најбезобразно се рекламира дека продолжува да прима гости на новогодишна забава…

Има уште. Слободно продолжете го списокот. Ова се само неколку детали на кои ми текнува овој момент.

А толку сакав барем за празнициве да не се полнам со негативна енергија. Што да правиш? Крива е Швајцарија што нѐ потсети на Македонија.

Целата  колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close