Касами: Намалувањето на бројот на советници не е поради етничка основа, туку законска процедура

Меѓудругото, актуелниот градоначалник на Тетово, рече оти доколку се гледа реалната слика, општините со мнозинско македонско население изгубиле повеќе советници отколку општините каде што албанците се мнозинство.

Намалувањето на бројот на советници во општините е последица на пописните податоци и законската рамка, а не на етничка припадност, како што тоа сака да го претстави албанската опозиција рече денеска градоначалникот на Тетово и лидер на Движење Беса, Биљал Касами.

„Сакам да бидам јасен – намалувањето на бројот на советници во ниту еден случај нема етничка основа. Тоа се прави врз основа на бројот на жители кој произлезе од пописот и на законските одредби. Дел од албанската опозиција сака да го прикаже ова како некаков удар врз Албанците, но тоа едноставно не е вистина. Општините со мнозинско македонско население изгубија повеќе советници отколку општините каде што Албанците се мнозинство,“ вели Касами.

Тој нагласи дека прашањето не смее да се злоупотребува за партиски и дневнополитички цели, особено во период кога земјата се подготвува за избори.

„Не би сакал да дојдеме во ситуација некој да не ги прифати изборните резултати само поради оваа проблематика. Затоа е исклучително важно Уставниот суд што побрзо да донесе јасни и конкретни одлуки и тоа да биде пред изборите, за да нема простор за сомнежи и манипулации,“ рече Касами.

Касами упати апел до институциите и до политичките партии да не го претвораат прашањето во тема за поделби и меѓуетнички тензии и ги повика сите да бидат одговорни оти ова е чисто правна и административна процедура и никако не смее да се користи за да се создава страв или пак да се собираат политички поени, оти Македонија има доволно предизвици пред себе за да си дозволи нови поделби онаму каде што тие не постојат.

Претходно денеска, Демократската унија за интеграција реагираше на вчерашната одлука на Државната изборна комисија за намалување на бројот на советници во дел од општините. Според ДУИ станува збор за „етничко надгласување“ и намалување на бројот на советници исклучиво во албанските општини. Одлуката на ДИК ја оценуваат како срамна и обвинија дека ВМРО-СДСМ и „Вреди“ се против Албанците.

Back to top button
Close