Касами со парите од унгарскиот кредит ќе гради уште една општинска зграда, тоа го вика „развоен проект“

Советот на Општина Тетово на вчерашната 54-та седница изгласа измена и дополнување на буџетот на општината, кој ќе порасне за три милиони евра. Се работи за парите добиени од „унгарскиот кредит“, со кои општините треба да направат капитални инвестиции.

Градоначалникот Биљал Касами вели дека во Тетово меѓу капиталните проекти и како дел од „развојната програма“, вклучени се и изградбата на нова општинска зграда за сместување на администрацијата. Новата зграда дури била и „еден од поголемите“ развојни проекти, вели тој.

„Предвидено да се заврши булеварот „Видое Смилевски-Бато“ до крајната дестинација согласно проектот, а тоа е до влезот на село Порој. Се предвидува изградба на дел од патната инфраструктура во селата Џепчиште и Голема Речица. Еден од поголемите проекти, во рамките на развојната програма е исто изградба на уште една општинска зграда до постојната зграда, каде што беа порано бараките на општинската инспекција. Има и други, помали проекти“, изјави Касами.

Општина Тетово во 2005 година имала 66 вработени, а по две децении, таа бројка е зголемена за околу шестпати (500 проценти). Во периодот од 2002 до 2021 година, пак, според официјалните податоци од пописите на населението, бројот на жители во Општина Тетово се намалил за околу два процента – од 86.580 (2002) на 84.770 (2021).

Општината тешко функционира во сегашната зграда, претесна за вработените во администрацијата чијшто број, според достапните податоци, се движи накај 300. Вкупно во Општина Тетово, според последните достапни податоци, ако се сметаат и вработените во територијалната противпожарна единица, работат нешто помалку од 400 луѓе.

Тетовските советници вчера дадоа согласност и за изградба на Меморијален парк во кругот на Клиничката болница во Тетово, во знак на сеќавање на жртвите во пожарот во модуларната болница, во заедничка координирана иницијатива на Општината, Министерството за здравство и семејствата на починатите.

Советот донесе одлука за прифаќање на донација, доделување на финансиска помош за поединци и одлука за утврдување на потреба од проширување на урбанистичко планска документација со цел вклопување на бесправните објекти.

Back to top button
Close