Кастратовиќ по денешната ждрепка: Го посакувавме Криенс, фаворити сме
– Ракометниот клуб Металург по денешната ждрепка во Виена за противник во второто квалификациско коло на Лига Европа го доби тимот на Криенс од Луцерн.
Тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ по добивањето на противникот призна дека швајцарскиот претставник беше еден од посакуваните противници.
– Пред почетокот на ждрепката, Криенс беше еден од клубовите што најмногу ги посакував. Сметам дека фаворитската улога и во овој дуел му припаѓа на Металург, но истата ќе мораме да ја оправдаме на терен. Засега немаме многу информации за противникот, каде игра и поранешниот ракометар на Металург – Лапајне, но ќе биде погрешно ако го потцениме Криенс. Сепак, се работи за цврст и добар тим, кој многу лесно ја реши хрватска Дубрава во првото квалификациско коло. Тоа особено важи за средбата во Хрватска, каде Криенс славеше со огромни 9 голови предност. Во суштина многу работи зависат од самите нас. Ако играме на ниво, фокусирано и дисциплинирано, тогаш веројатно ќе немаме проблем. Не смееме да дозволиме да ни се повтори средбата со Спачва во Винковци, каде, место да го докршиме отпорот на противникот, претрпевме пораз“, изјави Кастратовиќ.
Првата средба ќе се одигра во Скопје, на 22 септември, додека реваншот е закажан на 29 септември во Луцерн.
Во другите натпревари ќе се сретнат:
Бидасоа Ирун – Нексе
Потаиса Турда – Феникс Тулуз
Бјерингбо Силкеборг – ЦСКА Москва
Холстебро – РНЛ
Бенидорм – Фиверс
Азоти Пулави – Кристијанштад
Констанца – Спортинг Лисабон
Ѓунѓеш – Фуксе Берлин
Тримо Требње – Балатонфуред
Винтертур – ГОГ
Скјерн – Монпеље