Кастриот Реџепи се сретна и со Бојан Маричиќ
По средбата, Маричиќ порача дека стабилно мнозинство е клучно во наредните месеци.
„Стабилно мнозинство и стабилна Влада се клучни во месеците кога се прават големи напори за отворање на преговорите со ЕУ. Со пратеникот Кастриот Реџепи се согласивме дека ни претстои навистина важен период во евроинтегративниот пат, а потребата од продолжување на реформите е голема – наведува министерот во објавата на социјалните мрежи.
Пратеникот на 11 ноември не се појави во Собранието на седницата за гласање недоверба на Владата, по што опозицијата остана без еден пратеник и не можеше да обезбеди кворум. Тој рече дека иако се потпишал на иницијатива за гласање недоверба, околностите се смениле и решил во име на европските интеграции да не гласа.
Средбата со Маричиќ е третата што ја има Реџепи со претставници на Владата по настаните во Собранието. Тој прво се сретна со премиерот Зоран Заев, а минатиот петок беше и во кабинетот на шефот на дипломатијата Бујар Османи, по што објави дека покренува неформална иницијатива во парламентот „Европа 21“.
„Сакам да ги повикам сите прогресивни сили, особено апелирам меѓу пратениците во парламентот кои знам дека го делат овој политички став, но во моментов се блокирани од своите политички групации, да ми се придружат и да се обединиме за да може нашиот политички став да добие ефективна реализација – наведе пратеникот во повикот до останатите колеги за обединување околу иницијативата.