Катар: Контактите со Хамас даваат резултати

Катар денеска ги бранеше своите контакти со Хамас, наведувајќи дека тие се покажале корисни во посредувањето меѓу палестинското исламистичко движење и Израел.
Катар е домаќин на политичкото биро на Хамас.
– Сега видовме дека оваа комуникација донесе прекини на огнот, ослободување на заложници и олеснување на страдањата на луѓето таму – изјави катарскиот премиер Мохамед бин Абдулрахман на Доха форумот, годишен дипломатски собир во катарската престолнина.
Тој додаде дека контактите меѓу Катар и Хамас започнале пред 13 години на барање на САД.
Со години, САД се потпираат на Катар како посредник во конфликтите со Хамас, како и со авганистанските талибанци.
Катар, заедно со Египет и САД, веќе месеци посредува во конфликтот во Газа меѓу Хамас и Израел.
Катарскиот премиер денеска ги негираше тврдењата дека богатата заливска држава го финансирала Хамас.
– Помошта и финансиите за кои тврдат дека отишле кај Хамас, всушност, беа наменети за (народот на) Газа, преку многу транспарентен процес појасни тој.
Според премиерот, САД биле запознаени со ова, а Израел дури и ги олеснил уплатите.
Катар со години го финансира Појасот Газа, обезбедувајќи средства за гориво, реконструкција, плати во јавниот сектор и хуманитарна помош.
Во септември, израелски авиони извршија напад врз станбена област во Доха, таргетирајќи лидери на Хамас.
Во нападот загинаа шест лица, меѓу кои и катарски безбедносен офицер.
Овој преседан предизвика гнев во Доха и глобални осуди, вклучително и ретка критика од американскиот претседател Доналд Трамп.






