Катастрофа: Словенија забележала пад од 6 места на Индексот за корупција

Да се случеше годинава Македонија да ПАДНЕ за 24 места во годишниот Индекс за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл, верувам дека тоа ќе беше главната вест на неделата (што ќе се „растегнува“ цела година) за сите медиуми, политички фактори, невладини организации, коментатори и други модератори на овдешното јавно мнение. Ќе имаше посебни (и посебно хистерични) прес-конференции, дузина дебатни емисии, специјални прилози и соопштенија со кои ќе бевме преплавени за „општиот хаос во државава“ и за „криминалите на власта“.

Вака, бидејќи рејтингот ни е ПОДОБРЕН за цели 24 места, тоа речиси и да не е вест, многу медиуми протоколарно ја одбележаа, потиснати со вестите од Софија, невремето во Турција, настаните околу Украина, состојбата со пандемијата и новите гаќи на Карлеуша. Ова ќе биде вест за еден ден.

На рејтинг-листата од регионот, сега зад нас се Србија (96 место, со пад од две места), Албанија (110, со пад од 7 места), Босна и Херцеговина (110 место), ние го делиме 87-то место со Косово (ние со раст од 24, тие од 14 места), а пред нас се Словенија (41), Грција (58), Хрватска (63), Црна Гора (64) и Бугарија (78).

Од тука натаму, сѐ е работа на толкување. На пример, бидејќи Словенија паднала големи 6 рејтинг места во споредба со лани, а ние сме се искачиле за 24 места, значи ли тоа дека забрзано ги стигнуваме Словенците во тамошната и овдешната перцепција за распространетоста на корупцијата? Верува ли некој дека навистина сме полоши од, да речеме, Црна Гора за цели 23 места? Или дека Албанија е фрапантно покорумпирана од Бугарија, со разлика од 32 места? И, што значи податокот дека нашето 87 место го делиме со Колумбија или Суринам, на пример?!

Конечно, што кажува ова македонско едногодишно перцептивно подобрување од 111 место (2020) на 87 место (2021), во споредба со 2015 година, кога сме биле на рекордно доброто 66 место на истиот овој Индекс, ако се знае текот на десетина сегашни судски процеси од времето на режимот на Груевски кога, баш околу тој период, се направени некои од најголемите коруптивно-криминални грабежи во модерната историја на државава?

Ова кажува дека перцепцијата на граѓанството (сегде, па и овде) е една прилично растеглива материја подложна на „месење“ и „масажи“ со разни помагала: колку пари троши државата на сопствена пропаганда и самопромоција; колку се навистина слободни медиумите и јавноста, воопшто; што вели „меѓународниот фактор“ за успешноста на власта; како јавноста ја вреднува „цврстата рака“, наспроти хаотичните либерал-демократски идеали; колкав е моментниот рејтинг на политичарите по низа неповрзани прашања (да речеме, дали решиле да прават компромис со некој сосед за стратегиски цели), а не само за тоа дали крадат… На пример, знаеме дека во нашиве балкански предели слоганот „Крадат, ама градат!“ има седативно влијание врз перцепцијата за корупцијата и криминалот. А, крадат.

Колумната на Сашо Орданоски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close