Катастрофални пожари во Викторија: Илјадници пожарникари се борат со најтешката огнена стихија од „Црното лето“

Илјадници пожарникари денеска со натчовечки напори се обидуваат да ја стават под контрола огнената стихија во австралиската сојузна држава Викторија, каде што шумските пожари оставија зад себе уништени домови, изгорени огромни површини со ниска вегетација и прекинато снабдување со електрична енергија за десетици илјади жители. Поголемиот дел од пожарите избувнаа во средината на неделата, во екот на интензивен топлотен бран што го зафати југоистокот на Австралија.

Според информациите на надлежните служби, досега се изгорени повеќе од 300.000 хектари грмушки и нискостеблеста шума, а на територијата на целата држава и понатаму се активни најмалку десет големи пожари. Уништени се над 130 објекти, меѓу кои и станбени куќи, додека околу 38.000 станбени и деловни простори останаа без електрична енергија. Властите оценуваат дека станува збор за најтешките пожари во Викторија по таканареченото „Црно лето“ во периодот 2019–2020 година, кога огнот зафати површина голема колку Турција и однесе 33 човечки животи.

Премиерката на Викторија, Џасинта Алан, изјави дека илјадници пожарникари се распоредени на терен и дека се вложуваат максимални напори за запирање на ширењето на огнот. Таа нагласи дека каде и да е возможно, службите ќе настојуваат пожарите да бидат ставени под контрола, иако условите се исклучително тешки.

Австралискиот премиер Ентони Албанезе претходно предупреди дека земјата се соочува со ден во кој може да се очекуваат „екстремни и опасни“ пожари, особено во Викторија, каде што голем дел од територијата е прогласен за зона на катастрофа. Во телевизиско обраќање од Канбера, тој порача дека мислите му се со жителите на погодените регионални заедници.

Еден од најголемите активни пожари беснее во близина на градот Лонгвуд, на околу 112 километри северно од Мелбурн, каде што досега изгореле околу 130.000 хектари. Во тој регион се уништени триесетина објекти, како и бројни лозја и земјоделски површини. Десетици населени места во близина на пожарите се евакуирани, а голем број државни паркови и кампови се затворени од безбедносни причини.

Метеоролозите издадоа ново предупредување за топлотен бран за големи делови од Викторија, додека предупредувања за пожари се активни и за соседната сојузна држава Нов Јужен Велс и за Територијата на австралиската престолнина, што дополнително ја зголемува загриженоста за наредните денови.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close