Катедра за македонски јазик и лекторат на Универзитетот во Анкара

Со прв, промотивен час што вчера се одржа на Факултетот за јазици, историја и географија, почна да работи Катедрата за македонски јазик со лекторат на Универзитетот во Анкара. Новиот лекторат е отворен по речиси 15 години од претходно отворениот – на Универзитетот во Риека. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) соопшти ддека е постигнат успех од историско значење за македонистиката.

– Започнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на странски универзитет – на престижниот Анкарски универзитет во Турција. Вчера, салата на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет беше мала за да ги собере сите кои беа заинтересирани да го проследат првиот промотивен час по македонски јазик. Ова е конкретна потврда дека залагањата и вложувањата за интензивирање и унапредување на соработката со странските високообразовни и научни институции веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство, сега и со отворање нови странски македонистички центри, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Покрај голем број студенти, на предавањето присуствуваа и членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија, заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик.

Часот го одржа лекторот Дарко Темелкоски, а организацијата на настанот беше координирана од раководителката на Катедрата за македонски јазик, проф. д-р Мелахат Парс, која нагласи дека на Анкарскиот универзитет може да се очекува голем интерес за македонистиката.

-Со отворањето на Катедрата за македонски јазик под раководство на проф. д-р Мелахат Парс, во чии рамки е и Лекторатот по македонски јазик на Анкарскиот универзитет, македонистиката веќе е присутна на два водечки универзитета во Турција. На Факултетот за литература на Истанбулскиот универзитет, македонскиот јазик, литература и култура се изучуваат веќе 36 години во кои непрекинато работи Катедрата за македонски јазик која сега ја раководи проф. д-р Туркан Олџај, која заедно со раководителката на Одделот за славистика, проф. д-р Емине Инанир и со лекторката по македонски јазик, д-р Габриела Ивановска, успеаја од годинава македонскиот јазик да го стават на листата јазици што може да го изучуваат сите студенти на Универзитетот, информира МСМЈЛК при УКИМ.

Back to top button
Close