Кавга со навреди и обвинувања за неизгласаниот дата центар во Пехчево. Министерот Андоновски и неговата партија удри по Филипче

 

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека земјава ќе продолжи да се развива во дигиталната сфера и оти ќе има нови инвестиции во високи технологии. Неговата најава доаѓа откако денеска Советот на Општина Пехчево, едногласно, со девет гласа „за”, меѓу кои пет од советници на ВМРО-ДПМНЕ, ја тргна од дневен ред точката за изградба на дата-центар во ова населено место.

Андоновски, во објава на својот фејсбук-профил, ги обвини опозициската СДСМ и нејзиниот лидер Венко Филипче за попречување на инвестициите во центри за податоци.

„СДСМ и Венко Филипче ќе бидат против сѐ во оваа држава, само за Македонија да не успее. За да не успееме како држава тие ќе бидат и против центри за податоци, и против странски инвестиции, и против влез на високи технологии“пишува Андоновски.
Тој обвинува дека опозиционерите се и против нови вработувања и сакаат земјата да пропаѓа како што пропаѓала седум години.

Според Андоновски, новите инвестиции во високите технологии нема да значат компромис со животната средина, воздухот и водата.

„Ние не сме луѓе кои ќе дозволат, заради матни тендери, живи да изгорат пациенти во болници. Или да немаат една контрола за чистота на вода со години, а да вршат функција министер за здравство“,додава Андоновски во објавата.

На обвинувањата до Филипче и СДСМ попладнево на фејсбук до министерот Андонов реагираше др Ана Чупеска член и до неодамна висок функционер на СДСМ.

. 
Господине Министре,
Зарем навистина мислите дека со евтин популизам ќе го дефокусирате вниманието од вашата флагрантна некомпетентност?
На граѓаните ќе мора да им ги одговорите следните прашања:
1.Како точно планирате да ја заштитите животната средина кога немате ниту основна процена за тоа како тие фамозни центри за податоци ќе ја оптоварат нашата еколошка одржливост?
2.Што се случи со дигиталниот суверенитет, или намерно го премолчувате фактот дека државата сè уште ги нема транспонирано четирите клучни ЕУ акти за регулирање на дигиталниот простор?
3.Дали овој намерен правен вакуум е всушност план за да ги сведете македонските граѓани на обични податочни точки, наменети за експлоатација и услуги познати само на вашиот тесен круг?
4.И додека целата јавност секојдневно сведочи за вашиот вмрежен непотизам, зарем верувате дека ќе ви дозволиме нерегулираната сфера да ја претворите во алатка за дигитален надзор и брутално кршење на нашите епистемички права?
5.До кога ќе ѝ продавате на јавноста магла за некакви „високи технологии“ додека систематски бегате од европската регулаторна рамка како ѓавол од темјан? напиша на фејсбук др.Ана  Чупеска одговор на жестоките и навредливи обвинувања до опозицискиот лидер Венко Филипче.

 

Back to top button
Close