Казни до 20.000 евра за нефер трговци: Новиот закон влезе во сила

Комисијата за заштита на конкуренцијата (КЗК) од денеска почнува со спроведување во пракса на казнените одредби од Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, со којшто се очекува да се средат односите меѓу производителите, добавувачите и трговците.

Прекршочната постапка пред Комисијата се поведува по службена должност или по барање на физичко или правно лице, а глобите шо може да ги изрече КЗК се различни и зависат од видот на прекршокот и големината на прекршителот (микро, мал, среден и голем трговец) и варираат од 50 до 20.000 евра за потешките прекршоци согласно Законот доколку се утврди дека правното лице кое во својство купувач кон неговите добавувачи употребува значителна преговарачка моќ со наметнување нефер трговски практики.

 

Со Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување се опфатени 2.548 земјоделски и прехранбени производи, а во мониторинг периодот утврдени се 26 нефер трговски практики.

 

Се очекува Законот да воведе ред во делот на регулирање на односите на сите инволвирани страни во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи, а пред се да се ограничат дополнителните трошоци што се наметнувале досега (за складирање, реклама, маркетинг и персонал), и нивно ограничување на рабат на најмногу до 10 проценти.

 

– Оваа разлика директно влијаела на крајната цена на земјоделските и прехранбените производи, а ние се надеваме дека со доследно спроведување на Законот за одреден период ќе имаме стабилизација на цените на прехранбените производи и нивно постепено намалување, велат за МИА од Министерството за економија и труд.

 

Ова, како што посочуваат, е сосема нов Закон кој за првпат се носи, па оттаму нормално е да има одредени проблеми при неговата примена и при склучување на договорите.

 

– Постојано сме во комуникација со трговците, производителите и со дистрибутерите, ги слушаме нивните забелешки на терен од кога стапи на сила овој Закон. Имаше одредени забелешки на примената на овој Закон и одредени потешкотии со кои се соочуваат и двете страни, па затоа решивме да оставиме период до крајот на 2024 година да видиме какви ќе бидат резултатите и доколку има потреба ќе поминеме кон техничко подобрување на овој Закон, нагласуваат од Министерството за економија и труд.

 

Посочуваат дека консултациите со сите инволвирани страни се во тек и, како што велат, на почетокот на 2025 година ќе излезат со конкретен став за примената на овој Закон, односно дали и кои делови ќе претрпат измени.

 

Законот за нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи е донесен на 13 март лани, а стапи на сила на 28 септември, кога беше краен рок трговците да ги усогласуваат договорите за снабдување со добавувачите и производителите каде трошоците за рабат и други маркетинг трошоци се ограничени на 10 отсто.

 

Правен е по примерот на Хрватска, Словенија, Бугарија и Шведска и е донесен според ЕУ Директивата 2019/633 на Европскиот парламент и Советот од 17 април 2019 година, за нефер трговски практики во односите бизнис-бизнис во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи.

 

Со него се уредуваат правилата и мерките за спречување на наметнување нефер трговски практики кои отстапуваат од доброто трговско однесување, се утврдуваат нефер трговските практики во синџирот на снабдување со земјоделски и прехранбени производи со чие наметнување се искористува значителната преговарачка моќ на купувачот во однос на неговите добавувачи, постапките за утврдување нефер трговски практики, како и соработката меѓу надлежните органи за спроведување на надзорот над примената на нефер трговските практики.

 

– Со Законот се ограничуваат надоместоците (за складирање, реклама, маркетинг и персонал) и рабат најмногу до 10 отсто, а кои согласно досегашната пракса (информации од производители и добавувачи) изнесувале од 20 до 35 отсто, што индиректно ги зголемувало малопродажните цени на производите. Задолжена за спроведување на одредбите од Законот за нефер трговски практики е Комисијата за заштита на конкуренција, која изминатиов период се екипираше и веќе работиме со нив, прецизираат од Министерството за економија и труд за МИА

Back to top button
Close