Кедев: Првичните наоди на комисијата за непотребните операции на срце се минимални во однос на потенцијалните неправилности

Ова е само врвот на сантата мраз, вели кардиологот Сашко Кедев за првичните наоди на интерната комисија на Министерството за здравство кои велат дека во десет од 25 анализирани случаи е констатирано непотребно направена операција на срце или непотребно упатување за интервенција. Кедев лично во август оваа година ја обелодени оваа појава, по што здравствените власти формираа 15-члена комисија која на 14 ноември излезе со прелиминарен извештај.

Во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1, кардиологот Кедев беше прашан дали откако комисијата ќе ја заврши работата, треба јавно да бидат соопштени имињата на инволвираните болници и доктори.

Кедев: Да, секако мислам дека треба да има завршница овој процес. Ако нема завршница, ќе отвори големи сомнежи во јавноста и тоа е пред се обврска на Министерството за здравство кое го води овој процес, меѓутоа и обврска и на Фондот којшто плаќа за овие интервенции. И суштината на целиот овој процес е да се стави една линија, да се повлече линија и да прекине оваа пракса. Тоа е суштината на сето ова. Според мене ние нема да успееме ништо да постигнеме ако продолжи овој тренд. За жал и после овие најави, се уште ни приоѓаат пациенти за двојно, тројно мислење со несоодветни препораки. Не мора да значи за интервенции, за операции, туку за непотребни во наводници превентивни прегледи. Бидејќи се знае и редоследот кои превентивни прегледи се препорачуваат.

„360 степени“: Потребни ли се санкции за оние што така постапувале?

Кедев: Дефинитивно, таму каде што ќе се утврди објективно дека е направено нешто спротивно на принципите на медицина базирана на докази и спротивно на базичните етички стандарди во медицината, сигурно е дека треба да има разврска.

„360 степени“: Според вашите сознанија, дали тие доктори се уште работат?

Кедев: Јас колку што знам работат. Сега јас не можам да кажам точно бидејќи не сум дел од комисијата, меѓутоа индиректно сум инволвиран во овој процес бидејќи најголем дел од мојата консултативна активност, не во однос на интервенции, изведување на интервенции и други рутински постапки, ми се состои во тоа да ги одвраќам пациентите од непотребни снимања, непотребни минорни, па дури и непотребни мајорни интервенции.

Кедев додава дека не станува збор за нова појава, но вели дека под притисок на јавноста сега се тргнало кон расчистување.

извор: 360степени
фотографија: 360степени

Back to top button
Close