Келин: Партиите да развијат демократска и конструктивна дебата за измените на Уставот

Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска оствари средба со претседателката на Националниот совет на Федералниот парламент на Швајцарија, Ирене Келин на која ја информираше за актуелните и идните активности на Законодавниот дом.

На средбата двајцата парламентарни претседатели констатирале дека двете земји имаат отворен и интензивен дијалог на највисоко ниво, на пријателска основа и взаемно разбирање.

– Разговаравме за донациите што Швајцарската Конфедерација ги дава за Република Северна Македонија, конкретно за Собранието и Програмата за парламентарна поддршка со која работиме на реформи од Стратешкиот план на Собранието за функционален, отворен, дигитален, безбеден парламент, како и развој на парламентарната дипломатија и ефикасна парламентарна служба. Верувам дека сме на добар пат кон еден вистински современ парламент, изјави Џафери.

Тој ја информирал Келин за активното учество на Северна Македонија како земја членка на НАТО во активностите за придонесување кон колективниот мир и безбедност, особено по актуелните случувања во Украина.

– Во однос на европската интеграција на Република Северна Македонија, вчера беше објавен Извештајот за напредокот на земјата од Европската комисија во кој за Собранието како форум за конструктивен политички дијалог, особено за реформската агенда на ЕУ се потенцира важноста од активна и позитивна улога за напредокот на земјата. Во тој контекст, ја информирав претседателката Келин дека во септември го започнавме процесот на скрининг, со кој треба да се зајакнат домашните институционални капацитети, рече Џафери.

Тој информира дека во наредниот период Собранието ќе се фокусира на процесот на уставни измени како услов за влегување во следната фаза, како и на продлабочувањето на соработката со Швајцарија особено во економската сфера.

Во однос на уставните измени изрази надеж дека сите политички фактори ќе покажат одговорност и свесност за важноста на успехот на овој процес за одржувањето на следната меѓувладина конференција, бидејќи како што рече тој, овој чекор е особено важен во време на воена, енергетска, економска и здравствена криза.

Претседателката на швајцарскиот Национален совет, Келин пак од друга страна, порача дека политичките партии во наредниот период треба да развијат демократска и конструктивна дебата за прашањата во однос на измените на Уставот.

 

 

 

-Јас знам дека во последно време вашата земја постигна голем напредок, еден важен настан на патот на напредокот ќе биде и промената на Уставот за продолжувањето на преговорите со Европската Унија и се надевам дека во неколку следниве недели и месеци ќе се развие демократска и конструктивна дебата на која ќе се утврди што е најдобро за иднината на државата. Никогаш не е едноставно да се најде компромис, меѓутоа за компромисот нема алтернативи и покрај тоа што понекогаш компромисот е тежок и боли. Не е моја задача да го вреднувам односот помеѓу владејачките и опозициските партиите, но се надевам дека ќе се води успешен дијалог во Собранието,ние имаме друг систем кај нас се води меѓусебен дијалог за да се постигне консензус, јас се надевам дека ќе го изодите патот макар што е трнлив и се надевам дека ќе ги надминете сите предизвици, потенцираа Келин.

 

Додаде дека поддршката за Северна Македонија на нејзиниот пат кон евроатлантските интеграции и кон зајакнување на правната држава и демократијата, продолжува и во иднина.

 

 

 

– Во Швајцарија има дијаспора интегрирана во швајцарското општество, меѓутоа ние соработуваме и на други рамништа за да постигнеме ефикасна парламентарна демократија. Во вакви тешки времиња кои се обележани со постојани кризи многу е важно земјите кои ги бранат демократијата и човековите права, а истовремено се грижат за животната средина да си ги здружат сили за да најдат заеднички решенија за сегашните и идните предизвици. Швајцарија ја поддржува тесната соработка со Северна Македонија за да може да ги спроведе своите реформи нивната цел е правна држава и зајакнување на човековите права, подобрување на животните услови на населението и заштита на човековата природа и соочување со предизвиците произлезени од климатските промени, потенцира Келин.

Таа беше децидна дека транспарентните и одговорни парламенти имаат важна улога во заштитата на вредностите, а како што потенцира таа руската агресија ги доведела во прашање и ги нападнала вредностите како почитувањето на меѓународното право и демократијата.

– Заштитата на основните вредности кои се втемелени во картата на Обединетите Нации и заштитата на европските вредности секогаш треба да бидат приоритет на демократските земји, порача таа.

По изјавите и потпишување на Ирене Келин во Книгата на впечатоци Ирене Келин се обрати и пред пратениците на Собранието.

 

 

 

 

Back to top button
Close