Келн, градот што е чувство

Силното чувство на келнјани, дека припаѓаат на нешто многу скапоцено и големо, се раѓа не од затвореноста, туку од отвореноста на Келн за сите култури, за сите нации, за сите менталитети и јазици. Пишува Кица Колбе

Панорама – Рајна во Келн и катедралатаФотографија: Panama Pictures/picture alliance

Во еден многу познат келнски шлагер, кој денес го пеат илјадници посетители на уличниот карневал во Келн, се вели дека овој град е чувство, град со срце и душа. Само келнјаните можат постојано, преку шлагери, преку налепници, преку реклами, да му изјавуваат љубов на својот град, а тоа да не биде евтина патетика. Се вели дека вистинскиот келнјанин може да го види целиот свет, да живее насекаде, но срцето секогаш му останува во Келн. Кога се далеку од него, келнјаните од копнеж би тргнале и пешки во Келн, како што тој се опева во еден друг прочуен шлагер.

Дека Келн е чувство, најдобро знаат тие што се родени, тие што пораснале во него, но и тие кои долго живеат во овој неконвенционален германски град на Рајна. Келнјаните ја сакаат својата река Рајна, својата катедрала, својот дијалект и своето прочуено пиво. Само во Келн пивото има исто име со келнскиот дијалект – Kölsch. Да се биде вистинска келнјанка и келнјанин, значи, да се биде вљубен во својот град. Тоа чувство на припадност на градот не е затвореноста во своето, типична за паланката и провинцијата. Тоа силно чувство на келнјани, дека припаѓаат на нешто многу скапоцено и многу големо, се раѓа не од затвореноста, туку од отвореноста на Келн за сите култури, за сите нации, за сите менталитети и јазици. Келн ги прифаќа и ги обединува во себе, како скапоцена разноликост, како богатство. Во Келн на последните избори најмногу гласови  добија „Зелените”,   а најмалку АфД.  И со тоа Келн е посебен, затоа што има слободарски и млад дух, иако е многу стар град.

Келнјани се верни навивачи на ФЦ Келн
Келнјани се верни навивачи на ФЦ КелнФотографија: Christian Schulze/nordphoto/picture alliance

Луѓето во Келн се среќни што припаѓаат на тој посебен свет, на тоа посебно чувство да се биде дел од овој град. Затоа што Келн е еден од најкосмополитските германски градови. Келн е и мит и култ за сите кои ја ценат посебната уметност на живеење. А таа е неодвоива од отвореноста за многу култури и нации, кои се обединети во тоа посебно чувство – да се биде келнјанин. Келнјани се емотивно врзани со својот фудбалски клуб, 1.FC-Köln. Како деца се радуваат кога победува, како деца плачат кога губи. Дури и кога одамна не се деца, туку возрасни. Кога некаде ќе ја чујат „химната” на ФЦ Келн, ја слушаат со возбуда и љубов, како да е национална химна. Ако натпреварот е во келнскиот стадион, тогаш половина град е блокиран, затоа што по сите улици околу стадионот се движи море од келнјани-навивачи.

Отвореност и прифаќање

Кога пред речиси триесет години прв пат се најдов во Келн, излегов од старата железничка станица, и останав без здив од глетката врз возвишената келнска катедрала. Имав чувство дека сум влегла во еден посебен свет. Поточно, дека во Келн е целиот свет! Преполн со енергија, медитеранска лежерност, слобода на видикот и мислата, убавина на градбите, која сведочи за постојана грижа и љубов. Келн го прегрнува и анонимниот посетител како скапоцен гостин, веднаш му ги покажува своите најубави страни, го восхитува со отвореноста на својот дух, за кој симболиката е таа огромна река Рајна, која поврзува светови и сугерира вечност. Само во Париз, кога таму бев на осумнаесет години, ја почувствував таа магија на старите европски градови, чија енергија и интензивен културен живот потекнува од синтезата на многубројни култури, националности и јазици. Но иако тие имаат различни биографии и потекла, тие, парижаните и келнјаните, силно се идентификуваат со припадноста на својот град.

Долго размислував која е тајната на старите европски космополитски градови, како Париз, како Рим, како Келн. Сега знам дека тоа е нивната отвореност за различното и туѓото, кое многу брзо го прифаќаат и го доместицираат. Келн е градот во кој заборавам дека не сум овде родена, толку силно тој го интегрира оној, што му го отвора срцето. Келн не го заборава своето потекло како римска колонија. Името на Келн е погерманчениот римски збор „Colonia“. Денес, на уличниот карневал одекнува од многу грла шлагерот, во кој се опева неговото римско потекло со рефренот „Viva Colonia“. Живоста и отвореноста на Келн прави, иако е милионски град, човек во него да не се чувствува анонимен. Особено во старите граѓански квартови, во кои уште живеат стари келнјани, новиот жител на Келн и денес може да ја почувствува лежерноста и толерантноста на келнскиот менталитет.

Келн и карневалот

За овој е типичен восхитот за карневалот, за келнјани „петтото годишно време”, а тие што го слават се нарекуваат „die Jecken“. Овој збор нема јасен аквивалент во македонскиот, а може да значи шегаџија, улав, откачен, чукнат. Вистинските келнјани по дух, цела година го чекаат карневалот кој, всушност, е славење на животот, на радоста, на слободата, на храброста да се биде и малку или повеќе откачен од конвенционалното, поулавен од радост и веселба. Тој карневалски оган често не е разбирлив  за Германците  од другите градови.

Келн карневал
Во времето на карневалот често се потврдува дека келнјаните се „германските медитеранци“Фотографија: Henning Kaiser/dpa/picture alliance

Така се раширила старата поговорка дека келнјаните ќе си го продадат и ќумбето, значи, најважното за животот, само за да слават карневал.  Келнјаните, пак, сметаат дека не може секој да има дарба за карневал,  затоа што за тоа е потребна слобода на духот, посебен стил на животот, уживање во песната и танцот. Во времето на карневалот често се потврдува дека келнјаните се „германските медитеранци“. Филозофијата на животот на келнјаните, но и нивниот толерантен дух, се состои во изреката „Jeder Jeck is anders“. Тоа значи, „секој е улав на свој начин”. Поговорката сугерира дека треба да се има разбирање за различното кај другиот, затоа што ниту ние самите не сме „совршени“. Овој животен став е темелот на пријатната толерантност на Келн.

Келнски устав

Келнската филозофија на животот е формулирана во посебниот „келнски устав“, во кој има неколку суштински параграфи. Параграфот бр. 1 гласи: „Et es wie et es“, а значи исто како и македонското, „што е, тоа е“, па затоа треба да сме реалисти. „Et kütt wie et kütt”, параграфот бр. 2 во келнскиот устав, значи, „ќе биде, што ќе биде”, затоа да не се плашиме од иднината. Во овој стил се многу келнски поговорки. Во нив е содржана вековната народна мудрост, која обликувала еден за келнјаните типичен оптимизам, верба дека се‘ ќе биде добро, дека за се‘ има решение и излез. А кога нема, и тоа не е катастрофа. Келн бил често под различни окупации, а тоа искуство ги научило неговите жители да се отворени за се‘, но, сепак, да го чуваат својот посебен менталитет. Келнјаните се восхитени од својот град, го сакаат и го чуваат, особено дијалектот и животните навики. Постои „Академија за келнскиот дијалект”, на која новите келнјани, штотуку доселените, може да го научат дијалектот. Пазарите на отворено, кои на многу келнски плоштади ги има секој вторник и петок, се одлична прилика да се доживеат „келнски оригинали“, стари келнјани додека разговараат на нивниот дијалект.

Во  старите граѓански келнски квартови,  заборавате дека живеете во милионски град, затоа што редот на животот е многу пријатен, по мерата на човекот. Секој кварт има свој центар, улици со многу продавници и ресторани, па така за секојдневниот живот нема потреба да се оди во строгиот центар. Куќите во старите квартови не се повисоки од три ката, а околу нив има многу градини и големи паркови. Келнјаните се горди на убавината на својот град, на својата традиција, на својата стара култура. Нема убава, стара градска куќа што не е споменик на културата. Секое старо дрво се негува како најголемо богатство, среде милионскиот град. Во  старите келнски квартови  животот не е воопшто хаотичен, па така заборавате дека живеете во милионски град. Се вели дека Келн, во срцето, останал село. Затоа келнјаните, од љубов, нагалено го викаат „Kölle” (Келнче).(dw)

Кица Колбе 

Back to top button
Close