Келнски квартови, скопски стари градини

Кога денес минувам во пролет низ скопските улици, ми се чини дека во нив живеат некои нови луѓе, кои не го познаваат вистинското Скопје. Сигурна сум дека не го сакаат така, како што својот град го сакаа старите Скопјани.

Поглед на стари згради со украсени фасади во населбата Линдентал во Келн
Улиците во келнските квартови Зилц  и Линдентал (на фотографијата) мирисаат на старо СкопјеФотографија: Imago/Future Image

Во пролет улиците во келнските квартови Зилц ( Sülz) и (Lindenthal)  мирисаат на Скопје што го паметам. Тогаш веднаш ги гледам  старите куќи во Дебар Маало,  во Кисела Вода, улиците Илинденска и  Водњанска, сокачињата околу Државна болница. Не такви, какви што тие се  денес, туку како што беа во времето пред земјотресот. Можеби келнскиве стари квартови во мене го повикуваат некогашно Скопје, затоа што во тие слики е уште живо едно чувство  од детството. Да минувам во дожд по стара калдрма и да го слушам ѕвонливиот звук на чевлите врз каменот. Тоа ме фасцинираше како дете во скопските  стари улички со калдрма. Исто како што во лето келнската калдрма околу мене прави во носот да ја почувствувам силно презагреаноста  на каменот од калдрмата во Скопје. Тогаш ги повикувам сликите од старото и ги споредувам со тие од новово Скопје. Се прашувам, останало од калдрмата во уличките околу Државната болница, во тие во Дебар Маало или во Кисела Вода?

Најсилно го чувствувам предземјотресно Скопје  во келнските стари квартови во јуни, кога ми се чини дека под секоја расцутена крошна на старите липи во улиците во Линдентал се враќам во времето во Скопје, кога тоа уште беше „заспана убавица“, а мене ми се чинеше дека сите улици во Скопје имаат дрвореди од стари липи. Како овие овде, келнските, во Линдентал,  каде со голема љубов се негува симболот на квартот, скриен во неговотот име. Lindenthal на германски значи „долина на липите”. Градската општина е горда на  името на квартот и на традицијата на липите, па затоа кога една липа ќе угине или ќе се исуши од старост, на нејзино место  веднаш се сади ново младо дрво.Сношти се враќавме со мажот ми пред полноќ од еден од најстарите ресторани во квартот Линдентал под дрворедите од  липи. Затоа што попладнето заврна силен дожд, се чинеше дека сета природа околу нас дише со миризми, од кои најсилна беше таа на липите. Така беше во Скопје во шеесеттите, пред земјотресот, кога бев дете. Кога се враќавме со родителите од проманадата во паркот, по Илинденска. Или преку паркот на Франкофонијата, крај Вардар, во правец на „Плоштад Слобода“.И тогаш сета природа во јунските вечери дишеше силно со миризмата на липите. Кога во неделното попладне цела фамилија одеше на променада во паркот, јас, детето, имав чувство дека Скопје е најубавиот град на светот, затоа што секоја градина криеше тајна, а секоја фасада на старите скопски куќи како да чекаше некој да застане пред неа со восхит, за да му ја раскаже својата приказна.Тогаш имав чувство дека сите скопјани  во таа вистинска река од луѓе што полека минуваше крај Вардар, мора да се восхитени и горди што се дел од тој град. Дека мора многу да го  љубат својот град. Затоа што чувствуваат дека и тие се дел од скопската магичност. Денес тоа чувство го препознавам во гордоста на келнјаните што живеат во градот на Рајна.

Поглед на Камениот мост на реката Вардар во Скопје
Што е останато од старото убаво Скопје?Фотографија: Furkan Abdula/AA/picture alliance

И Скопје може да се однесува како Келн

Секако, Келн е поголем од Скопје со своите милион жители. А и  Рајна е поголема од Вадар, како што  и градот е постар  од Скопје  околу три и пол века. Келн е основан како римска колонија во 50-та година од новата ера, на средината од првиот век. И Скопје е римска колонија, основана на крајот на четвртиот век. Келнјаните се горди на латинското име Colonia, кое е во основата на германското име Köln, но и на се‘ што е поврзано со историјата на градот. Веднаш до келнската катедрала се наоѓа Римско-германскиот музеј, во кој се изложени сите археолошки наоди од подрачјето на Келн. И името Скопје потекнува од римското Скупи. Градот на Рајна беше речиси целосно уништен во бомбардирањата  на крајот на  војната 1945-та, а Скопје, градот на Вардар, во земјотресот 1963.

Што значи, и Скопје може да се однесува како Келн, често си велам кога поминувам крај римско-германскиот музеј или кога  во миризмата на Рајна, во  речиси медитеранскиот ветер што понекогаш дува на келнската променада, го мирисам Северното море, во кое се влева Рајна. Луѓето во Рајнската област ја викаат „татко Рајн“, (Der Vater Rhein), затоа што реката Римјаните ја нарекле според божеството на реките Ренус (Rhenus) или Rhenus Pater.И во летото во Скопје во мирисот на Вардар го насетував мирисот на Егејското море во кое итаат вардарските води.

Сите, дури и тие што не се родени келнјани во трето колено, туку само што се доселиле, брзо се вљубуваат во светски отворениот град на Рајна, па стануваат  повеќе келнјани од родените. Овој  многу  жив стар град, лесно ги интегрира сите свои жители, независно од потеклото, јазикот и нацијата. И, што е најчудно, тие самите брзо стануваат горди на се‘ келнско. Не само на пивото „Kölsch”, кое е идентично со името на келнскиот дијалект, што е уште едно поклопување со Скопје. Имено, и пивото „Скопско” е  еднакво со името на скопскиот дијалект. Но, зошто тогаш скопјани не се грижат со љубов, градот да остане сочуван во неговата позната архитектура, се прашував денес, на пладневната прошетка низ старите улици во квартот Линдентал. Не се грижат како што се грижи овдешната општина, секој понеделник во  седум часот да ве разбуди ѕвончето, затоа што ѓубрарите стојат пред врата да ги изнесат кантите за ѓубре на тротоарот и да ги испразнат во своите возила?

Келнските кварта Зилц и Линдентал се меѓу најомилените за живеење особено кај подобро ситуираните келнјани, оние со фамилии со мали деца  и студентите.  Секако, тука е универзитетот, универзитетската библиотека и многу клиники. Омилено кај келнјаните е тоа што во овие квартови нема  градски куќи повисоки од 2,5 до 3 ката. А тие стари келнски куќи имаат малечки градини пред и големи зад куќата. Во една соседна малечка улица  со стара калдрма, мојата писателка фантазија ја поттикнуваат раскошно украсените фасади на редиците куќите од крајот на деветнаесетиот век од двете страни на уличката. Само пред една голема вила не можам да не  застанам барем за миг, за да откријам во чудесната симетрија  на раскошната фасада секогаш по некој нов детал. Од восхит, од првиот миг вилата ја нареков  „куќата на Буденброкови“ (Das Buddenbrookhaus), по романот на Томас Ман за фамилијата во Либек. Во вилата во Кeлн живеат десетина студенти, барем според многуте звончиња и имиња крај влезната врата.

Автомобили паркирани на улица со стара калдрма во населбата Зилц во Келн
Во Келн, куќите и становите на улици со стара калдрма, како оваа во населбата Зилц се сметаат за драгоценост, додека во Скопје калдрмата е „отпад“ од минатото кој треба итно да се замени со бетон.Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Schönherr

Што ја создава магијата на градот?

Во овие квартови, во малечките градини пред старите градски куќи, во мај и јуни цутат најубавите грмушки од рози. Тиe се стари сорти рози, со големи густи, многулисни миризливи цветови, кои до земјотресот цутеа и  во градините во старите куќи крај патот кон Автокоманда, а тоа  повторно  го оживува пред мене старото Скопје. Така е и кога ќе ги здогледам во нечиј двор безбројните расцутени перуники и божури. Дури и анамската рака ја открив пред некој ден во една стара келнска градина. Притоа ми е јасно дека по сите нешта кои некогаш за мене беа типични за Скопје, денес попусто би трагала во скопските квартови. Таков шок доживеав минатата пролет, кога при кусата посета во Скопје бев во Кисела Вода. Не паметам кога последен пат сум била таму. Онаму каде што порано стоеја стари двокатни градски куќи со градини, сега стоеја високи грди облакодери. Понекоја двокатна куќа, со фасада како келнските куќи, полна со историја и приказни, се‘ уште им пркосеше на  џиновите лево и десно од неа. Троатоарите беа раскопани од градежни работи, но непоправени и откако новоградбите биле завршени. Насекаде  во старите скопски улици попусто трагав по старата калдрма.

И си реков, сепак, има голема разлика меѓу келнските стари граѓански квартови и оние во Скопје. Во Келн, куќите и становите на улици со стара калдрма се сметаат за драгоценост, додека во Скопје калдрмата е „отпад“ од минатото кој треба итно да се замени со бетон. Цело Скопје се преобрази во бетонска џунгла, затоа што  првата жртва на градежната мафија  беа дрвјата и парковите, како денес тој на Франкофонијата. Старите келнски квартови се омилени затоа што имаат многу зеленило, а и  неколку огромни паркови. Сите дрвја се документирани, а градската управа се грижи за нивното здравје, кое се проверува секоја есен. Се вели дека една од нештата што ја создава магијата на градот Келн е љубовта на неговите жители за својот град. Ретко има градови  и во Германија  во кои нивните жители се вљубени. За тоа придонесува и посебната култура на живеење во овој град. Келнјаните се генерално познати по нивната лежерност, спонтаност и отвореност, што им помага и на новите келнјани брзо да се чуствуваат како дел од нешто големо и скапоцено. Мене, пак, тоа ме потсетува на духот на Скопје до деведесеттите години. До таа трка по пари и власт, која како ураган се‘ побрзо ги брише сите белези на Скопје кое некогаш пулсираше со грижата за градот како за најскапоценото нешто за граѓаните. Затоа што градот е нивниот дом, во кој е сочуван споменот на неброени  генерации кои, пред нив, домаќински се грижеле за него. Затоа кога денес минувам во пролет низ скопските улици, ми се чини дека во нив живеат некои нови луѓе, кои не го познаваат вистинското Скопје. Затоа, веројатно, и го уништуваат и огрдуваат. Сигурна сум дека не го сакаат така, како што својот град го сакаа старите Скопјани. (dw)

Кица Колбе

Back to top button
Close