Кенеди презема чекори за забрана на болниците да извршуваат интервенции за промена на пол кај деца

Американското Министерство за здравство под водство на Роберт Ф. Кенеди (ХХС) денеска објави низа предложени регулаторни мерки за спроведување на извршната наредба на претседателот Трамп, со која се наложува прекин на практиката на интервенции за промена на пол кај деца, за кои се смета дека можат да предизвикаат трајна и неповратна штета. Овие интервенции вклучуваат одредени фармацевтски и хируршки постапки што имаат цел да го усогласат физичкиот изглед или телото на детето со идентитет различен од неговиот биолошки пол.

Центрите за Медикеар (систем на осигурување за здравствена заштита) и Медикаид сервис – систем кој обезедува здравстевна помош за луѓе со мали примања (ЦМС) ќе објават известување за предложени правила со кое би се забранило болниците да извршуваат вакви интервенции кај деца под 18 години, како услов за учество во програмите Медикеар и Медикаид. Речиси сите болници во САД учествуваат во овие програми, а мерката има за цел да осигури дека федералната влада нема да соработува со организации што, намерно или ненамерно, им нанесуваат трајна штета на децата. ЦМС го предлага ова врз основа на своите овластувања од Законот за социјално осигурување, кои ѝ дозволуваат да поставува стандарди за заштита на здравјето и безбедноста на пациентите.

Дополнително, ЦМС ќе предложи правило со кое би се забранило користење федерални средства од Медикаид за интервенции за промена на пол кај деца под 18 години. Истата забрана би важела и за финансирањето преку Програмата за здравствено осигурување на деца (ЦХИП) за лица под 19 години. Во моментов, 27 држави не обезбедуваат Медикаид покритие за вакви интервенции кај деца.

Според ХХС, интервенциите за промена на пол кај деца, вклучувајќи блокатори на пубертет, хормонска терапија и хируршки зафати, носат ризик од неповратни последици како неплодност, нарушена сексуална функција, намалена густина на коските, промени во развојот на мозокот и други трајни физиолошки ефекти.

Секретарот за здравство и социјални услуги, Роберт Ф. Кенеди, потпиша Декларација заснована на рецензиран извештај на ХХС, со која се утврдува дека овие интервенции не ги исполнуваат професионално признатите стандарди на здравствена грижа. Според Декларацијата, здравствените работници кои извршуваат вакви интервенции кај малолетници би се сметале дека не ги почитуваат тие стандарди.

„Под мое водство и како одговор на повикот на претседателот Трамп, федералната влада ќе направи сѐ што е во нејзина моќ да ги запре небезбедните и неповратни практики што ги изложуваат нашите деца на ризик“, изјави Кенеди. „Нашите деца заслужуваат подобро, и ние го исполнуваме тоа ветување.“

Администраторот на ЦМС, д-р Мехмет Оз, истакна дека „децата заслужуваат заштита, а не експериментални интервенции со животно-променливи ризици и без сигурни докази за корист“. Тој додаде дека предложените правила појаснуваат дека болниците што учествуваат во федералните програми не можат да извршуваат вакви непотврдени постапки кај деца.

Федералната агенција за лекови (ФДА) испраќа предупредувачки писма до 12 производители и продавачи поради незаконско рекламирање на компресивни градници за деца со намена за третман на родова дисфорија. Овие производи се класа 1 медицински помагала и се наменети за други медицински цели, како опоравување по операции. ФДА најави дека ќе преземе дополнителни мерки доколку ваквото рекламирање продолжи.

ХХС исто така започна процес за поништување на обидот на администрацијата на Бајден да ја вклучи родовата дисфорија во дефиницијата за попреченост. Предложената ревизија на Дел 504 од Законот за рехабилитација од 1973 година појаснува дека поимите „попреченост“ и „лице со попреченост“ не ја опфаќаат родовата дисфорија што не произлегува од физички нарушувања. Со тоа се појаснува дека политиките што ограничуваат или спречуваат вакви интервенции не го прекршуваат федералното законодавство за недискриминација.

Заменик-министерот за здравство, Џим О’Нил, изјави дека „законот бил злоупотребен за да се наметне поддршка за хируршки интервенции кај малолетници“, додавајќи дека новото правило ќе донесе јасност и ќе им овозможи на организациите финансирани со федерални средства да поставуваат политики засновани на докази.

Минатиот месец, ХХС го објави извештајот „Третман на педијатриска родова дисфорија: преглед на докази и најдобри практики“, во кој се анализираат медицинските ризици од обидите за промена на биолошкиот пол кај деца. Според податоците, речиси 14.000 малолетници примиле вакви интервенции меѓу 2019 и 2023 година.

Помошникот-секретар за здравство и шеф на Комисионираниот корпус на Јавната здравствена служба на САД, адмирал Брајан Кристин, потпиша јавно здравствено соопштение со кое се информираат здравствените работници, семејствата и носителите на политики дека моменталните докази не ги поддржуваат тврдењата дека овие третмани се безбедни и ефикасни за деца. „Здравјето и благосостојбата на децата се наш приоритет“, изјави тој. „Доказите покажуваат дека овие интервенции носат сериозни ризици и давателите на здравствена заштита имаат обврска да нудат грижа заснована на докази и да избегнуваат постапки што можат да предизвикаат доживотна штета.“

Back to top button
Close