Кеси и Диди: Како функционира „грумингот“ во пракса
Грумингот е перфиден, внимателно осмислен и често невидлив процес во кој насилникот систематски ја подготвува жртвата за емоционална, сексуална и/или финансиска експлоатација.
Грумингот никогаш не започнува со закани и насилство, туку со грижа, внимание и чувство дека сте посебни или единствените што можат да го разберат насилникот.
Целта зад овој облик на насилство е да се воспостави контрола преку зависност, изолација, чувство на задолженост и губење на личните граници.
Кеси Вентура, пејачка и модел, имала 19 години кога го запознала тогаш 36-годишниот Шон Диди Комбс, еден од најмоќните мажи во музичката индустрија. Нивната приказна не е само приказна за токсична врска на славни личности, туку ни кажува за моделот на насилство што им се случува на дневна база, на жените околу нас. Но, без насловни страни и рефлектори.
Помеѓу Кеси и Диди, постоела очигледна асиметрија на моќ – тој бил 17 години постар, со огромно животно и деловно искуство, додека таа штотуку влегувала во светот на музичката индустрија.
Како нејзин шеф, милијардер и сопственик на позната музичка издавачка куќа, Диди целосно ги контролира своите кариерни и деловни одлуки.
Иако Кеси потпишала договор за десет албуми, ѝ било дозволено да издаде само еден. Таа снимила повеќе од 100 песни, но ниту една од нив не го исполнувала неговиот критериум на „доволно добра“ песна, што прераснало во механизам за негова целосна контрола врз неа. Првенствено финансиски.
Наместо да гради музичка кариера, Кеси е вовлечена во светот на повеќедневните “freak-off” забави на Диди, обележани со дрога и сексуални експерименти.
Забавите траеле со денови, а нејзиното физичко и ментално закрепнување по нив било подеднакво долго и исцрпувачко.
Затоа, таа покрена легална постапка против него и во 2023 година го тужеше, а за помалку од 24 часа тој ѝ понуди спогодба од 20 милиони за да ги отфрли обвиненијата.
Постојаната достапност на наркотици како екстази, MDMA и кокаин, дополнително ги поместувале границите на контрола врз нејзиното тело и волја.
Сè што се случувало било снимено без нејзина согласност, а снимката подоцна била споделена со други мажи, исто така без нејзина согласност.
Во такви околности, каде што границите престануваат да постојат и насилството се нормализира преку забава и привилегии, грумингот го достигнува својот полн ефект. Преку постепеното поместување на границите, воспоставувањето зависност и илузијата дека жртвата има избор, Кеси тонела сè подлабоко и подлабоко во систем на контрола од кој не гледала излез.
Во средина на целосна контрола, составен дел од грумингот е емоционалната приврзаност преку манипулација на ранливоста и потребата на згриженост на жртвата, што е еден од најопасните механизми на оваа динамика т.е злоупотреба на контрола.
Диди ги претстави своите воајеристички тенденции како лична слабост и товар, со што ја всади во Кеси потребата да го спаси и да ја докаже својата љубов преку прилагодување на неговите девијантни желби.
На овој начин, жртвата добива лажно чувство на моќ и важност, а во исто време не забележува како нејзините граници полека, но темелно се поместуваат и бришат.
Овој момент јасно ја покажува последната фаза на „глумење“, во која жртвата, целосно скршена и изолирана, почнува да учествува во сопствената експлоатација.
Кеси, во состојба на целосна зависност и емоционална исцрпеност, ги презема задачите за организирање на т.н “freak off” забави, вклучително и комуникација со машки придружници, несвесно зајакнувајќи го истиот тој систем одговорен за нејзиното заробување.
Ова не е случај на слободен избор, туку последица на трауматско соучество и механизам на преживување во кој жртвата се согласува со насилните обрасци верувајќи дека ова е единствениот начин да го зачува сопствениот опстанок и да избегне уште полошо страдање, а во овој случај, физичко насилство.
Кеси не остана затоа што таа самата така сакала, туку затоа што била изолирана, економски и емоционално зависна, убедена дека нема излез и дека никој нема да ѝ верува.
Ова не е приказна за амбиција или алчност, бидејќи „глумењето“ никогаш не е. Туку за насилството што систематски ѝ го одзеде изборот.
Грумингот не им се случува само на познатите личности, ниту пак се случува во вакуум. Се случува затоа што општеството неуморно го храни со своето молчење, нормализација и префрлање на вината на жртвата.
Лице кое поминува низ овој облик на насилство ретко има сила да препознае што му се случува, а уште поретко способност да се извлече од насилството.
Затоа е наша одговорност да не ги свртуваме главите, туку да бидеме поддржувачки и наместо да прашуваме: Зошто не си замина?, да го поставиме прашањето Зошто и како се извлече неказнето толку долго?
Тоа е единствениот начин, грижејќи се едни за други, да изградиме свет каде што границите се почитуваат, а насилството не е прифатлива секојдневна појава.
Извор: @feminizam_iz_teretane/ig
Превод: Мила Макаровска