Кевин Дурант купи малцински удел во ПСЖ
Американскиот кошаркар Кевин Дурант купи малцински удел во францускиот фудбалски клуб Пари Сен Жермен, објави денеска актуелниот европски првак.
Мнозинскиот сопственик на клубот „Катар Спортс Инвестментс“ (QSI) потпиша договор за инвестирање и стратешко партнерство со Дурант, се вели во соопштението на клубот.
Финансиските детали од договорот не беа откриени.
„Како дел од партнерството, Дурант ќе стекне директен малцински удел во клубот преку неговата медиумска и инвестициска компанија „Бордрум“, која ја основа заедно со својот долгогодишен соработник Рич Клајман“, се вели во соопштението на Пари Сен Жермен.
Триесет и шестгодишниот кошаркар на Феникс е двократен шампион во НБА и еден од најдобрите стрелци во историјата на лигата. Минатото лето, тој стана првиот кошаркар во историјата што освоил четири златни олимписки медали, кога тимот на САД славеше на Олимписките игри во Париз.
„Чест ми е што станав партнер на QSI и ко-сопственик на Пари Сен Жермен, клуб и град што многу ми значат. Овој клуб има големи планови и со нетрпение очекувам да бидам дел од следната фаза од неговиот развој, како и дел од истражувањето на нови инвестициски можности со QSI“, рече Дурант во клупското соопштение.