Киев изненаден поради тоа што во декларацијата на ШОС не се спомнува руската војна против Украина
Украинското Министерство за надворешни работи соопшти „дека е индикативно што во главниот документ за исходот од самитот на Шангајската организација за соработка (ШОС), Декларацијата од Тјенџин, на 20 страници, не се спомнува руската војна против Украина“.
„Изненадувачки е што најголемата агресивна војна во Европа од Втората светска војна не беше одразена во толку важен, фундаментален документ, додека во него се споменуваат голем број други војни, терористички напади и настани во светот. Уверени сме дека без праведен крај на руската агресија против Украина, не можеме да зборуваме за одржлив глобален развој, меѓународен мир и безбедност, придржување кон принципите на Повелбата на ОН или стабилен и праведен развој на трговските односи меѓу регионите во светот“, се вели во соопштението.
Според украинското МНР, отсуството на какво било спомнување на руската војна против Украина во декларацијата на самитот на ШОС укажува на неуспехот на дипломатските напори на Москва.
„Кремљ претрпе уште еден пораз во своите напори да го претстави светот како поделен во своите проценки за руската агресија против Украина и да наметне мислење дека државите надвор од Европа и Северна Америка имаат поволен став кон Русија во однос на причините, последиците и начините за ставање крај на нејзината војна против Украина. Очигледно е дека Москва не успеа да ги доведе позициите на земјите учеснички по ова прашање до заеднички именител кој би ѝ одговарал на Руската Федерација“, се вели во текстот.
Киев ја потврдува позицијата за потребата сите мирољубиви држави да се придржуваат до нормите на меѓународното право и Повелбата на ОН при оценувањето на руската агресија против Украина.
„Со оглед на значајната геополитичка улога на Кина, би ја поздравиле поактивната улога на Пекинг во донесувањето мир во Украина, врз основа на почитување на Повелбата на ОН“, заклучува украинското МНР.