Киев: Русија во Украина употребила касетни бомби речиси 6.000 пати
Руската армија употребила касетни бомби речиси 6.000 пати во Украина, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Украина.
Министерството во соопштението ја повикува меѓународната заедница да обрне внимание на „масовната, намерна, целна и систематска“ употреба на руска касетна муниција, пренесува Укринформ.
– Украинските надлежни органи веќе забележаа најмалку 5.974 факти за употреба на таква муниција од страна на Русија. Руските окупатори редовно изведуваат ракетни и бомбашки напади врз украинските одбранбени сили и цивили користејќи ракетни системи Смерч, Град, Ураган, Точка-У и авионски бомби опремени со касетна муниција, се наведува во соопштението.
Касетните бомби се вид на муниција која се распрснува во воздух и испушта многу помали „подединици“ на широко подрачје. Овие помали бомби се расфрлаат и експлодираат, предизвикувајќи уништување на голема површина. Тие можат да бидат лансирани од авиони, артилериски системи или ракети. Главната причина зошто касетните бомби се толку контроверзни е нивниот недискриминирачки ефект и високата стапка на неексплодирани подединици. Недискриминирачки ефект значи дека со оглед на тоа што расфрлаат бомби на широко подрачје, тие не прават разлика меѓу воени цели и цивили, што често резултира со голем број цивилни жртви. Значителен процент од помалите бомби не експлодираат при удар. Тие остануваат на теренот како неексплодирани убојни средства (НУС), претставувајќи смртоносна опасност за цивилите, особено за децата, долго по завршувањето на конфликтот. Овие НУС можат да експлодираат години подоцна, предизвикувајќи смрт и повреди.
Употребата на касетни бомби е регулирана со Конвенцијата за касетна муниција од 2008 година, која целосно ја забранува употребата, производството, складирањето и трансферот на овие оружја. Конвенцијата исто така бара уништување на постојните залихи и помош на жртвите.
Русија, Украина, САД и Кина не се потписнички на оваа конвенција.