Кикиљас: Вакцините се ефикасни и безбедни
акцините ќе бидат ефикасни и безбедни и ќе ја променат ситуацијата, ќе создадат имунитет и полека ќе нè вратат на работа, ќе ни го вратат социјалниот живот и нашето секојдневие, пишува министерот за здравство на Грција Василис Кикиљас во неговата колумна за весникот „Та неа“ , јави дописничката на МИА од Атина.
Сепак, истакнува дека во ниту еден случај, додека да заврши целиот процес, не смее да се заборави на самозаштитата.
– Сега кога гледаме дека има светлина на крајот од тунелот, треба да бидеме посветени на придржување до мерките за заштита. Се вакцинирам и истовремено ги почитувам правилата за јавно здравје, што значи дека се штитам себеси, го штитам семејството, оние околу мене, пишува Кикиљас за весникот.
Вели дека вакцинацијата е дел од решението и е најважното оружје во градењето „ѕид на имунитет против коронавирусот“.
– Оваа зима се соочуваме со најголемиот предизвик во нашата модерна историја. Грција никогаш не беше спасена од многу зборови. Се спаси и уште еднаш ќе се спаси со храбри одлуки и големи дела, пишува министерот за здравство.
Кикиљас во колумната за „Та неа“ потенцира дека земјата обезбедила 25 милиони вакцини, а месечно ќе се вакцинираат два милиони граѓани во 1.018 центри во целата земја.