Ким Мехмети го нападна Еди Рама: Славомакедонците без Белград се како дете без мајка, ама од каде Албанија поблиска со Србија од Косово

Писателот и политички аналитичар Ким Мехмети на својот Фејсбук профил со критички и навредлив речник се осврнува на средбата на тројцата регионални лидери, Заев, Рама и Вучиќ. За него, „сликарот“ (Рама има завршено Факултет за уметност), како што го нарекува албанскиот премиер е предавник на интересите на Албанците.

„Се наликува на времињата кога албанските лидери се гордееа кога им ги бакнуваа чевлите на српските кралеви а бесрамно му плукаа во раката на братот Албанец“, пишува Мехмети.

edi-rama-kim-mehmeti

Според него, Рама, Заев и Вучиќ го водат својот проект наречен „Балкански Мини Шенген“ кој не претставува ништо друго освен важен чекор кон реализација на идејата за „српски свет“ односно за Голема Србија.

„И како што е познато, без Белград, Славомакедонците се чувствуваат како дете без мајката што го родила и му згрешила ама се поставува логичното прашање: што е тоа што Албанија ја прави поблиска до Србија отколку до Косово? Братството меѓу сликарот и српскиот претседател е резултат на заедничкиот проблем што Рама и Вучиќ го имаат со ЕУ и се плашат од неа – проблемот со законите и со желбата нивните држави да останат ‘крави хранети од сите ама молзени само од нив двајцата! Но, како и да е, мора да се признае дека Сликарот никогаш подобро тоа не го крие кога се дружи со неговите словенски колеги. Тогаш јасно гледа карактеристиката на која можете да завидувате, не го интересираат критиките на Албанците и целосно ја живее сопствената политичка слобода. Како што живеат само оние на кои им недостасува чувство на срам“, вели Мехмети.

Тој вели дека Рама покажува желба да му се допадне на Вучиќ и не го засегаат Албанците.

„Но, сепак, едно нешто мора да се прифати: Сликарот постапува така затоа што сè уште има Албанци кои го сакаат како таков и кои не разбрале дека за разлика од природните катастрофи, по кои растителниот и животинскиот свет воскреснува, речиси таков како што бил, после политички катастрофи ништо не може пак да оживее“, пишува Ким Мехмети на својот Фејсбук профил

 

 

Back to top button
Close