Кина и САД продолжуваат со разговорите во Лондон

Кина и САД, според кинеските државни медиуми, денеска (10.06) ќе продолжат со разговорите во Лондон со цел да се надмине трговскиот спор помеѓу двете земји. Ова е објавено на профил на социјалните мрежи на кинеската државна телевизија. Точно време за разговорите не е наведено. Според други медиумски информации кои се повикуваат на американски официјални лица, се очекува разговорите да продолжат утрово (по лондонско време).
Претставници на двете најголеми економии во светот се состанаа вчера во британскиот главен град. Меѓу присутните беа американскиот министер за финансии Скот Бесент и министерот за трговија Хауард Лутник, како и кинескиот вицепремиер Хе Лифенг и министерот за трговија Ванг Вентао.
Спор околу контролата на извозот
Досегашните резултати од разговорите сѐ уште не се објавени. Економскиот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Кевин Хасет, за Си-Ен-Би-Си изјави дека очекува краток состанок „со цврсто ракување“. Трамп во Вашингтон рече дека САД добро се согласуваат со Кина. „Добивам само добри извештаи“, продолжи тој.
Пред околу еден месец, двете страни во Женева се согласија за 90-дневна пауза во спорот за царините и значително намалување на меѓусебните дополнителни давачки за стоки. Се чини дека овојпат главна тема се трговските ограничувања.
Кинеските контроли на извозот на ретки метали им задаваат грижи на САД и други земји. Вашингтон сака олабавување на контролите. За возврат, САД би можеле да ги намалат своите трговски ограничувања во области како што се компјутерските чипови и компонентите за авиони, каде што Кина е зависна од странска технологија.
Извор: DW