Кина најави дека ќе се „бори до крај“ против новата закана од Трамп за повисоки царини

Кинеската влада вели дека „ќе се бори до крај“ доколку САД продолжат да ја ескалираат трговската војна, откако Доналд Трамп се закани со огромни дополнителни царини како одговор на контрамерките на Кина.

EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Кинеското Министерство за трговија ги обвини САД за „уцена“ и рече дека заканите на американскиот претседател за дополнителни царини од 50 отсто доколку Пекинг не ја поништи сопствената реципрочна царина од 34 отсто се „грешка над грешката“, пишува „Гардијан“.

Од министерството ветуваат дека „одлучно ќе преземат контрамерки“, додавајќи дека Кина ќе се бори до крај ако американската страна е наклонета да оди по погрешниот пат.

Одговорот од Пекинг доаѓа по влошувањето на односите меѓу двете земји. Минатата недела Трамп објави низа тарифи кои се движат од 10 до 50 отсто против американските трговски партнери кои треба да стапат во сила утре. Тој постави царина од 34 отсто за увозот од Кина – како дополнение на претходната давачка од 20 отсто. Пекинг потоа возврати со реципрочна тарифа од 34 отсто на целиот увоз од САД. Тоа го натера Трамп, вчера, да се закани со дополнителни царини од 50 отсто за кинескиот увоз доколку Пекинг не ја повлече нивната.

„Доколку Кина не го повлече своето зголемување од 34 отсто над нивните веќе долгорочни трговски злоупотреби до утре, 8 април 2025 година, САД ќе воведат дополнителни царини за Кина од 50 отсто, кои стапуваат на сила на 9 април. Дополнително, сите разговори со Кина во врска со нивните барани средби со нас ќе бидат прекинати. Преговорите со другите земји, кои исто така побараа средби, ќе започнат веднаш“напиша Трамп на неговата платформа „Трут сошал“.

Back to top button
Close