Кина – пријателот на Русија сака да се спријатели со руските мети

Кина сака да се спријатели со земји – членки на НАТО, меѓу кои и Северна Македонија, кои за Русија се легитимна мета за напад, поради тоа што основано ја осудуваат непровоцираната руска инвазија на Украина.

За какво пријателство станува збор, кога наводно добронамерната Кина го одржува во живот режимот на рускиот лидер Владимир Путин кој ни прети со закани со неговиот нуклеарен арсенал? Дали би му верувале на пријателот кој ги одржува во живот Вашите непријатели?
Додека Кина активно се обидува да се претстави како потенцијален партнер на европски земји, вклучително и Северна Македонија која е земја – членка на НАТО, кинеското „пријателство без граници“ со Русија веќе две години го потценува ефектот од меѓународните санкции кои се целат да ја сопрат непровоцираната инвазија на Украина. Видно најироничниот дел од кинеската понуда за пријателство е обидот да се „спријатели“ со држави кои за Русија се легитимна мета за вооружен напад, меѓу кои е и Северна Македонија.
Рускиот сојузник Кина, од друга страна, се обидува да се претстави како пријател на Северна Македонија, предлагајќи пријателство со привилегии: инфраструктурни проекти, технолошки напредок, странски инвестиции, индустриски развој… Големата слика се сведува на едноставен концепт: Кина се надева на пријателство со европските земји, меѓу кои и Северна Македонија, додека активно му помага на својот „вечен“ пријател – Русија, кој им се заканува на истите земји – членки на НАТО со нуклеарна војна.
Додека ваквото сценарио се забележува во сапунска серија, каде лошата маќеа се преправа дека го сака главниот лик додека договара некаква беља, мотивацијата на потенцијалната маќеа на Северна Македонија и Европа е веројатно основана на реални економски интереси. За Северна Македонија кинеското сценарио се врзува со ветувања за потенцијално огромни инфрастуктурни проекти, како автопати или можеби пловен Вардар.
Доколку случувањата во Црна Гора се добра основа за прогнози, македонските власти, во теорија може да очекуваат понуда преку која рекламирана „вин – вин“ ситуација би се претворила во двојна победа за Кина: Ем инфрастуктура во срцето на Балканот која ќе и носи пари на Кина, ем прилив на пари од кредитот кој македонските власти ќе им го исплаќаат за кинеските градежни работи од парите на македонските даночници.
Оттука, паѓа во вода надежта на некои „универзални аналитичари“, дека земјава може да ја користи кинеската понуда додека останува лојален партнер на Северноатланската алијанса – сценарио кое се покажа како нереално во други земји членки на НАТО, како на пример во Црна Гора.
Како се вклопува сето ова во поголемото сценарио? Прогнозите се следниве: Се поочајната Русија сака да истрае во војната со Украина, претејќи со нуклеарниот арсенал доколку странски трупи се мобилизираат на Украинска територија. Станува се поевидентно дека ваквите закани се рефлексија на длабока руска несигурност поради нивната неспособност да победат во вооружен конфликт против НАТО. Единственатa значајна подршка за Русија потекнува од Кина, која иако (за сега) не е целосно воена, видно ја одржува руската економија на работ од катастрофата, дозволувајќи му на Владимир Путин да продолжи со испраќање топовско месо на украинскиот фронт.
Каде ги остава сето ова вечните пријатели? Западот ја отсекува Русија за да ја казни за непровоцирана инвазија на независна држава (за која Путин тврди дека не треба да постои), руското неовластено затворање и наводно труење на опозиционер (и обиди да се забрани негов погреб) и редовни закани кон НАТО (со ветувања дека Русија нема без провокација да ја нападне Алијансата, исто како што „не ја нападна“ Украина).  Кина како верен пријател на Руската федерација ја снабдува Москва со се што и е потребно и покрај тоа што има историја на војни со Русите кои датираат од 1851 година, кога започна рускиот експанзионизам. Дали Русија ќе стане целосно зависна од Кина, дозволувајќи им на Кинезите да се етаблираат како нова контра тежа на демократскиот свет, останува да се види. Но големата веројатност од вакво геостратешко сценарио дотолку ја потврдува тезата дека кинеското пријателство е далеку од поволно за Северна Македонија и за остатокот од демократскиот свет. Кина не може да остане во пријателство со Русија и да биде искрен партнер на Северна Македонија, освен ако ова не би диктирало поткопување на едно од пријателствата.
Делува нереално Кина да го балансира приближувањето кон демократски земји додека истовремено поддржува режим.

Back to top button
Close