Кинеската Комунистичка партија започна истрага против најблискиот сојузник на Шји Џјипинг во воениот врв

Комунистичката партија на Кина започна истрага против високите воени функционери Џанг Јуксија и Лиу Женли под сомнение за сериозни прекршувања на дисциплината и законот, соопшти денеска кинеското Министерство за одбрана.

Џанг (75) е член на Политбирото на партијата и потпретседател на Централната воена комисија, додека Лиу е началник на Генералштабот на Заедничкиот штаб на истата комисија.

Џанг се смета за најблизок воен сојузник на претседателот Шји Џјинпинг и еден од ретките водечки офицери со борбено искуство. Војската е една од главните цели на сеопфатната антикорупциска кампања што ја започна Шји во 2012 година. Таа акција стигна до највисоките ешалони на Народноослободителната армија во 2023 година, кога цел беа Ракетните сили на армијата.

Во октомври 2025 година, осум високи генерали беа исклучени од Комунистичката партија под обвинение за корупција, вклучувајќи го и второрангираниот генерал во земјата, Хе Веидонг, кој служеше под Шји и заедно со Џанг во Централната воена комисија.

Во последниве неколку години од редовите на владејачката Комунистичка партијата беа исклучени и двајца поранешни министри за одбрана.

Аналитичарите веруваат дека сузбивањето на корупцијата го забавува набавувањето на напредно оружје и влијае на приходите на некои од најголемите кинески одбранбени компании.

Странските дипломати и безбедносните аналитичари внимателно ги следат случувањата поради блискоста на Џанг со Шји и важноста на комисијата во командата, воената модернизација и положбата на Народноослободителната армија. Иако Кина не војувала со децении, таа зазема сè порешителна позиција во спорните Источно Кинеско и Јужно Кинеско Море, како и кон самоуправниот остров Тајван, на кој полага право.

На крајот од минатата година, Пекинг ги спроведе најголемите воени вежби досега околу Тајван. Отстранувањето на Џанг е втор случај на отстранување на активен генерал на Централната воена комисија од Културната револуција од 1966-76 година. Тој не е виден во јавноста од 20 ноември, кога разговараше со рускиот министер за одбрана во Москва.

Порано истиот месец, Џанг вети во една статија дека ќе се справи со „лажните лојалности“ и „двобојните луѓе“ и ја повика војската да ги елиминира „токсичните влијанија и долготрајните проблеми“. И Шји и Џанг потекнуваат од северозападната покраина Шанкси, а нивните татковци биле другари во граѓанската војна од 1940-тите.

Роден во Пекинг, Џанг се приклучил на војската во 1968 година, се искачил во редовите и станал член на воената комисија кон крајот на 2012 година, кога започнала модернизацијата на војската. Во профилот на Пентагон од крајот на 2023 година се наведува дека се очекува Џанг да се пензионира во 2022 година на 72-годишна возраст, во согласност со вообичаената пракса.

„Меѓутоа, задржувањето на Џанг во Централната воена комисија за трет мандат веројатно ја одразува желбата на Шји да задржи близок и искусен сојузник како свој главен воен советник“, се наведува во извештајот на Пентагон.

Back to top button
Close