Кинески ѕид го штити Путин

Владимир Путин стои притеснет до ѕид во војната во Украина. Неговата армија речиси не напредува, неговата економија стенка под западните санкции и налогот за апсење за Путин издаден од Меѓународниот кривичен суд го изолира рускиот претседател повеќе од било кога. Но, сѐ додека овој ѕид е Кинески ѕид, шефот на Кремљ и натаму се надева на победа и нов светски поредок. Посетата на кинескиот претседател Ши Џинпинг во Москва, за Путин значи нов поттик на неговата надеж.

Кина ја одржува во живот руската економија

Поголема симболика беше невозможна. Посетата започна речиси на самата деветгодишнина од руската анексија на Крим. Путин за прв пат отпатува во окупираниот и претходно комплетно разорениот град Мариупол, место каде се случија најсвирепите воени злосторства. Како бруталната војна во Украина воопшто да не постои,кинескиот претседател допатува во тридневна посета на Русија, придружуван од објавени статии во печатот во кои Ши и Путин се заколнаа на тесно партнерство на нивните земји, „рамо до рамо.“

Видливиот резултат од средбата е – зголемена трговска размена. Од западните санкции заслабената Русија тоа навистина уште повеќе ќе ја поврзе со Кина, но индиректно ѝ помага во натамошното водење на војната.

Кина купува сѐ повеќе руски суровини и продава сѐ повеќе стоки во Русија. Кинеските фирми ги пополнуваат пазарите со кои доминираа западните фирми пред војната.

 

Дали Путин го информирал Ши за претстојна ескалација?

Наспроти тоа, резултатите од разговорите околу неодамнешната кинеска мировна иницијатива за Украина се тешко видливи. Не е без основа сомнението дека планот од 12 точки, кого Путин го нарече „база за мировно решение“, не се зема баш сериозно. Во спротивно, тој не би стигнал дури една година по инвазијата и не би го изоставил централното прашање – повлекување на руските трупи.

Замрзнувањето на војната во сегашниов момент би била победа за Путин. Степенот на сериозноста на намерите на Ши во посредувањето, би бил јасен дури откако тој би водел разговори со украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Оваа посета беше од оној вид, кај кои дури отпосле се разбира содржината на разговорите зад херметички затворени врати. Се стравува дека на Путин му било важно во прв ред да го информира Ши за своите следни чекори во Украина, слично како веројатно и пред инвазијата во февруари 2022 година. Можно е Русија во идните недели да ја зајакне офанзивата на фронтот, со брутални последици за украинското население. Доколку е тоа така, Москва очигледно сакаше да ја има Кина фактички на своја страна, иако нанадвор речиси невидливо.

 

Кина треба да спречи пораз на Русија

Западот на овој сѐ посилен сојуз гледа со изненадување и со отсуство на идеи. Тој уште се воздржува од силни критики поради економски интереси и надежите за дипломатско посредување. Можеби се смета дека Кина ќе се дистанцира од Русија во моментот кога на Путин јасно ќе му се закани пораз во војната.

Можеби навистина ќе се случи тоа и Кинескиот ѕид зад грбот на Путин ќе почне да се рони. Но, поверојано е друго сценарио: Кина ќе се обиде да спречи пораз на Русија, дали по пат на дипломатија или со јавно испорачување на оружје. Западот треба да биде спремен на оваа опција.

Не е одамна кога во Берлин и во другите западни престолнини често се слушаше: „Не треба да ја туркаме Русија во прегратките на Кина.“ Тоа беше наивно. Тоа одамна се случи, таа прегратка станува сѐ посилна и Западот тешко дека ќе можеше да го спречи тој сојуз. Посетата на Ши во Москва овој факт го направи само повидлив.

Роман Гончаренко

Извор: ДВ

Back to top button
Close