„Кино за млади“ во Кинотека
Два филма од поновата европска продукција денеска и утре бесплатно ќе се прикажуваат во Кинотека на Македонија во рамки на проектот „Кино за млади“.
Програмата почнува денеска напладне со проекција на швајцарската драма „АТЛАС“ во режија на Николо Кастели.
– Алегра е млада жена полна со живот и со страст за искачување на високи планини. Таа решава да отпатува во Мароко за да го искачи врвот на планината Атлас, но нејзиното патување ненадејно завршува кога тројца нејзини пријатели ќе загинат во напад. Не можејќи да ја надмине траумата неколку месеци подоцна, таа се враќа во својот град. Таму ќе го запознае Арад, млад бегалец, кој ќе ѝ помогне да се соочи со реалноста, нејзините стравови и да ги залечи длабоките внатрешни рани, се вели во кратката содржина на филмот.
Во вторник напладне ќе се прикажува италијанско-белгискиот трилер „СМЕНАТА“ во режија на Александро Тонда.
– Брисел. Еден и Абдел, две 17-годишни момчиња, упаѓаат во нивното училиште за да извршат самоубиствен терористички напад, но Абдел се разнесува пред предвиденото време, повредувајќи го Еден во експлозијата. Изабел и Адамо, двајца болничари пристигнуваат на местото на настанот и го наоѓаат Еден повреден и онесвестен. Го внесуваат во амбулантното возило, не знаејќи дека тој е еден од терористите. На пат кон болница, тие сфаќаат дека Еден носи појас со експлозив, но веќе е доцна: Еден одеднаш се буди! И покрај повредите, младиот човек ги држи како заложници заканувајќи им се дека ќе ја активира бомбата и му наредува на Адамо да продолжи да вози, стои во кратката содржина на филмот.
Проектот „Кино за млади“ е во организација на дистрибутерската куќа „Узенгија“, а се реализира со поддршка од Град Скопје.