Киселова: Бугарија нема апсолутно никакви претензии кон Република Северна Македонија во каква било форма
Прашањето за исполнување на условите за пристапување на Република Северна Македонија во ЕУ е меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, а не со Бугарија, коментираше претседателката на бугарскиот парламент – Наталија Киселова. Таа потсети дека условите за пристапување на земјава не се бугарски, туку се дел од договорот што Република Северна Македонија го склучи со ЕУ во 2022 година, а прашањето за нивното исполнување сега е меѓу ЕУ и Република Северна Македонија, а не со Бугарија.
„Напорите на сите оние кои тврдат дека станува збор за билатерални односи се едноставно политички интриги“, изјави Киселова.
„Ќе се обидеме да ѝ помогнеме на Република Северна Македонија да започне преговори со ЕУ“, истакна таа и потсети дека Народното собрание едногласно усвои одлука на 30 мај во врска со бугарската позиција за Република Северна Македонија, а оваа позиција има неколку аспекти.
„Прво, Бугарија нема апсолутно никакви претензии кон Република Северна Македонија во која било форма, освен да се почитува Договорот за пријателство и добрососедство од 2018 година и да се почитува европскиот консензус од 2022 година, имено оние обврски што Република Северна Македонија ги прифати со овој европски консензус да бидат исполнети. Бидејќи тие не се исполнети, тие бараат аргументи со кои да не ги исполнат и да ја одложат својата покана“, објасни Киселова.