Класата на милијардерите ја има заробено американската демократија 

Денко Малески

Во докторатот посветен на американската надворешна политика, кој го бранев на универзитетот во Љубљана, таа 1981 година, ја раскажав приказна за една растечка голема сила од крајот на деветнаесеттиот век, чија вибрантна економија ги пробива границите на САД, и, свесна за супериорноста на својата технологија и на своите производи, ги руши колонијалните бариери во светот преку „Политиката на отворени врати“(Open Door Policy), освојувајќи ги светските пазари.

Не ни требаат колонии туку отворени пазари за нашите производи, ќе порачаат тогашните американски политичари, давајќи им инструкции на своите дипломатски претставници во светот да работат на спроведување на оваа надворешна политика. Аргументот во прилог на политиката на отворени врати беше дека таа ја ослободува Америка од одговорност за народи кои би биле под нејзина управа, гарантирајќи и ги придобивките на слободната трговија и на финансиите. Оваа доминација на Америка со светските пазари траеше повеќе од едно столетие и циклусот завршува во наши времиња. Денес, економијата која, во име на слободната трговија, рушеше секакви бариери, самата почна да се брани со тарифи од супериорните производи на конкурентите, пред се на Кина. Зборувам, е разбира, за економскиот протекционизам на Трамп – своевидна политика на „Затворени врати“.

Но, она што Западот го нарекува слободна трговија, другите народи од Азија, Африка и Латинска Америка, го нарекуваат неоколонијализам и настојуваат да се отргнат од досегашните аранжмани на либералниот капитализам. Некаде до 1970, вредноста на доларот имаше покритие во злато. Откога тоа беше укинато од страна на Ричард Никсон, петро-доларот од богатите нафтени наоѓалишта на Блискиот Исток инвестирани на американскиот пазар, стана замена за златото. Во досега незамислив чин на отпор кон американската доминација, Иран денес и продава нафта на Кина користејќи го кинсекиот јуан и најавува дека тоа ќе стане пракса и во идните купопродажни трансакции на иранска нафта со сите земји во светот . Тоа, во „американската ера“ беше недозволено а финансиската класа на Америка ќе се потруди оваа ера да се продолжи што е можно повеќе. Со истоварување на војски во Иран, ако биде потребно, акција која е во планирање а за која воените експерти сметаат дека е лудост.

Како е тоа можно Америка да интервенира со војници кога огромното мнозинство Американци се против војната, девиза со која победи претседателот Доналд Трамп на изборите? Одговорот е дека американскиот политички систем е под контрола на големи корпоративни финансиски интереси на чие чело е милјардерската класа. Тие се во битка за постојано зголемување на својот профит и на својата моќ, на сметка на демократијата ако треба. Затоа, не е важно кој ќе победи на избори во Америка и со каки ветувања. Големите финансиски корпорации и класата на милијардерите го имаат заробено политичкиот систем и нивниот интерес е доминантен.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close