Клековски: Лажни боледувања го оптоваруваат системот

Директорот на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Клековски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ зборуваше за злоупотребите во системот за боледувања.
Како што посочи, во соработка со Министерството за внатрешни работи биле спроведени контроли, при што било утврдено дека кај значителен дел од издадените боледувања не се почитувале процедурите.
„Кај секое петто боледување имаше неправилности“, изјави Клековски.
Тој нагласи дека Фондот во моментов нема целосен увид во влијанието на боледувањата, особено затоа што краткорочните отсуства ги покриваат работодавачите, додека институцијата ги финансира само боледувањата подолги од 30 дена.
Клековски додаде дека во мала средина како Македонија често постои притисок врз лекарите да „излезат во пресрет“. Воедно, истакна дека Фондот направил значително зголемување на капитацијата за матичните лекари за 30 проценти, со цел подобрување на примарната здравствена заштита, но и со очекување за поголема одговорност.
„Го зголемивме финансирањето, но очекуваме и почитување на правилата. Боледувањата, како и препишувањето антибиотици и анксиолитици, се категории каде има сериозни казни доколку не се следат процедурите“, истакна Клековски.
Според него, најчестите злоупотреби се т.н. „цик-цак“ боледувања, односно случаи кога вработени земаат кратки боледувања, се враќаат на работа само еден ден за да избегнат контрола, а потоа повторно отвораат ново боледување по друга основа.
„Целта е да се сузбијат лажните боледувања, за да има доволно средства за оние кои навистина се болни“, нагласи Клековски, додавајќи дека по подолг период на боледување пациентите се упатуваат на проценка пред инвалидски комисии.
Тој посочи дека проблемот не е ограничен само на јавниот сектор, туку е присутен и во приватните компании. Како пример наведе фирма каде дури 15 проценти од вработените биле на боледување.
Особено загрижувачка, според него, е состојбата во т.н. „униформни“ сектори, како што се полицијата, одбраната и здравството. Во некои здравствени установи, како што истакна, дури секој петти вработен е на боледување.
Клековски објасни дека најголем дел од трошоците за кратките боледувања ги сносат работодавачите, додека Фондот покрива боледувања подолги од 30 дена, каде контролите се построги и процедурите посложени.
„Најголемите злоупотреби се токму кај кратките, прекинати боледувања. Затоа мора да работиме на нивна контрола, бидејќи влијаат врз продуктивноста и целиот систем“, порача Клековски.






