Клековски: Онкологија најголем должник меѓу клиниките, Извештајот за непотребните операции на срце помина на затворена владина седница

Директорот на Фондот за здравствено осигирување (ФЗО) и кандидат за министер за здравство, Сашо Клековски вечерва информира дека заедничките служби на Клинички должат 35 милиони евра, а Клиниката за онкологија, како што рече, е најголем должник меѓу клиниките.
– Реалноста е дека долгови има. Најголем должник е Клиниката за онкологија и тоа е наследен долг – мислам дека е околу една милијарда денари. Меѓутоа, кога ќе земете дека буџетот на Онкологија сега е пет милијарди, не зборувам за нешто со што не може да се управува. Значи, една милијарда долг звучи многу, меѓутоа севкупниот буџет на клиниката е пет милијарди и како таков тој е 20 отсто од буџетот на клиниката, изјави Клековски.
Според Клековски, кој во интервју за „360 степени“ на МРТ 1 зборуваше на повеќе теми, Извештајот за непотребните операции на срце поминал на затворена владина седница. Тој е дециден дека врз него немало притисок овој случај да се забошоти.
-Да почекаме да се објави или јас да го видам извештајот. Најголем дел од мерките во кардиохирургија не се наменети за таа цел. Тоа што зборував со колегите од Австрија и од Србија, најголемиот фокус е правење операции таму каде што нема потреба да се прави операција, ама не зашто пациентите биле здрави, туку затоа што биле во терминална фаза. Значи, имате фаза во која може да му се помогне на пациентот и фаза во која таа интервенција нема да му донесе добробит, рече Клековски.
Оваа Влада и здравствените власти, покажаа, потенцира директорот, дека се посветени на расчистување на криминалот и корупцијата.
-Го имаме случајот на Онкологија каде обвинителството има комплетна поддршка од здравствените власти, вклучувајќи го и Фондот. Имаме еден уапсен директор од сегашната власт на Клиниката за геријатрија. Од оваа власт имаме повеќе апсења за мито во Прилеп, Битола… настрадаа дваесетина членови на комисии. И јас многу често говорам за злоупотребите. Некои од тие работи бараат структурни промени и доаѓање до коренот на проблемот. Коренот на проблемот е што моментно има три кардиохирургии, а националната уредба за здравствена мрежа рекла дека на Македонија ѝ требаат две кардиохирургии. Кога имате повеќе даватели на услуги од тоа што имате потреба, може да се случат вакви проблеми, рече Клековски.
Тој во разговорот оцени дека Буџетот за македонското здравство е една милијарда евра, но има многу загуби во трошењето.
Клековски истакна и дека Фондот за здравство го остава со историски најголем буџет за лекови.






