Клековски против минимална плата од 600 евра: Македонија не е најсиромашна во регионот

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Сашо Клековски, предупредува дека дебатата за минимална плата од 600 евра во Македонија се води со погрешни споредби и „мешање на баби и жаби“, особено кога се мешаат нето и бруто износи и се игнорира паритетот на куповна моќ (ПКМ).
Тој посочува дека Еуростат користи бруто плати за да ги елиминира разликите во даночните и социјалните системи. Како пример ја наведува Црна Гора, каде минималната плата изнесува 600 евра нето, но околу 670 евра бруто, додека во Македонија бруто минималната плата е 586 евра, што, според него, значи дека земјата не е на дното во регионот.
Клековски објаснува дека ваквите разлики произлегуваат од различни модели на оданочување. Црна Гора има пониски придонеси и персонален данок, но повисок ДДВ, модел кој кај нас би значел повисоки цени за граѓаните.
Според податоците на Еуростат, минималната бруто плата во Македонија изразена во ПКМ изнесува 1.069 евра, со што земјата се искачува на 20. место и влегува во средната група меѓу земјите на ЕУ и кандидатите.
Тој оценува дека минимална нето плата од 600 евра би ја ставила Македонија во иста група со Германија и Холандија според куповна моќ, што не е реално со сегашната продуктивност.
Клучниот проблем, според Клековски, не е минималната плата, туку ниската продуктивност кај дел од домашните компании, додавајќи дека странските и извозно ориентираните фирми имаат повеќекратно повисока продуктивност.
– Кога продуктивноста ќе порасне, ќе зборуваме и за значително повисоки плати, а не само за минималната, вели Клековски.






