Клековски: Утре детални резултати од контролата на прскањето против комарци

Утре ќе бидат соопштени деталните резултати од контролата на тоа што направиле општините во однос на прскањето против комарци, информираше вечерва министерот за здравство Сашо Клековски.

Тој посочи дека во моментов особено е актуелно цело Повардарие, имајќи предвид дека дел од случаите на западнонилска треска во Грција се регистрирани подрачјето околу Солун и Вардар.

– Во основа, ние завршивме со контролата на тоа што општините направиле во врска со прскањето. Резултатите, деталните резултати ќе ги соопштиме утре. На пример, во Град Скопје се направени 12 прскања, вкупно шест за возрасни форми на комарци и шест за ларви, рече Клековски во Тема на денот на ТВ Сител.

Потенцира дека не може јасно да се воспостави директна врска меѓу бројот на случаи на западнонилска треска и бројот на прскања во општините.

Како позитивен пример ја посочи Општина Илинден, каде што се направени шест прскања од земја – три против возрасни комарци и три против ларви, при што со прскањето се почнало уште во април. За разлика од тоа, како што рече, во Студеничани нема направено дополнително општинско прскање, освен редовното што го спроведува Град Скопје.

Клековски посочи дека Скопско Поле е најниската зона во скопската котлина, со најмногу застоена вода, земјоделски површини и канали, што создава услови за зголемен ризик од комарци.

– Комарци има и покрај Вардар, а нема ниту еден случај во Центар или во Карпош. Поврзано е и со рутите на дивите птици кои се резервоар на вирусот. Во околу 250 видови птици го има вирусот, рече Клековски.

Тој нагласи дека за спречување на ширењето се потребни комплексни мерки – граѓаните да применуваат лична заштита, здравствените власти да обезбедат рана дијагностика и третман, а општините да ја исполнат обврската за дезинсекција.

Клековски информираше дека, покрај редовните прскања, по индикации биле извршени уште три прскања – две во Драчево и едно во Гази Баба, односно во делови од Јурумлери, Стајковци и Сингелиќ.

Во моментов, како што посочи, заедно со општините и Град Скопје се детектираат местата со застоена вода, со цел да се спроведе пофокусирано прскање од земја.

Клековски нагласи дека првиот случај на западнонилска треска во земјава е регистриран во 2011 година, а досега се регистрирани 54 случаи. Посочи дека имало и случаи кај мали деца со воспаление на мозокот, додека најголем ризик од смртен исход има кај лицата над 60 години

Back to top button
Close