Клинецот наречен македонски национализам

Моето читање на пораката на Марта Кос

Со Словенците живеевме во заедничка држава половина век. Важеа за вредни, дисциплинирани и практични луѓе. И во времето на еднопартискиот систем, беа демократски настроени луѓе со изострено чувство за човековите права: како за сопствените така и за правата на другите.

Кога, во осумдесеттите требаше да го пишувам докторатот на универзитетот во Љубљана, мојот ментор, некогашен дипломат професор Владо Бенко, инсистираше да биде напишан на македонски. Подоцна се договоривме на одбраната да комуницираме на „неутралниот српско-хрватски“, како што рече.

Процесот на изработката на докторатот се одвиваше старомодно. Раздалечени безмалку илјада километри, тој во Љубљана а јас во Скопје, кореспонденцијата се одвиваше преку писма. Писмото се пишуваше на машина за пишување, се ставаше во плико, се лепеше марка намокрена со плунка од јазикот и се носеше на пошта, за оние што не знаат. После две години работа, поточно читање, пишување и допишување со менторот, целиот запнат како пружина, спремен да испукам рафали сознанија на темата за американската надворешна политика, се најдов во кабинетот на професорот. Чекав само на прашањата.

Знаете што ме праша професорот? „Ве молам“, рече мирно со благост во гласот, „кажете ми каква жетва имавте годинава во Македонија?“. Погодете, од прв пат, колку бев информиран за темата.

На столица на која бил поставен клинец седнал Србин. Скокнал и во бес ја искршил столицата и го фрлил клинецот, гласеше една шега (виц) од тоа време. На таков стол седнал Словенец, скокнал, внимателно погледнал и го извадил клинецот со мисла дека ќе му затреба за нешто. Седнат врз клинецот, Македонецот не се ни помрднал, со мислата дека „така треба да биде“. Денес, во очите на странците, какви што станаа Словенците после распадот на федерацијата, ние седиме на клинецот наречен македонски национализам и не мрдаме зашто мислиме дека „така треба да биде“.

Не разбираме дека со малку повеќе храброст не мораме да бидеме заковани во место, туку на пат кон подобар живот кој го нарекуваме „европски“.

Ама, она што ние не го гледаме, го гледаат странците. И сочувствуваат со нашот народ. Комесарката за проширување, Словенката Кос, зборувајќи за македонската кујна и другите убавини на земјата, сака да ни го каже токму тоа. Како и професорот Бенко кој како да сакаше а ми каже, тога-дамна, да „летам многу“ во високите сфери на надворешната политика и да загубам контакт со реалноста.

Како еден молер кој ми го варосуваше станот во Скопје, кој ми рече „филозофски“: „Животот е сериозна работа“, и додаде: „Треба да се јаде!“.

Комесарката за проширување како да сакаше да ни каже дека не мора да седиме на клинецот на национализмот, дека имаме на што да му се радуваме, и не повика да тргнеме кон сојузот на држави наречен Европска унија во кој народите живеат подобро отколку било кога и било каде во историјата на човештвото. Да, подобро од било кога и било каде во историјата на човештвото, факт кој не знаат да го ценат само политичари со недостиг на имагинација и храброст да го поведат народот во таа насока. Со сите ризици, се разбира, зашто ако некаде нема гаранции тоа е во надворешната политика, која е вон контрола на домашната. Па, побогу, затоа и се нарекува НАДВОРЕШНА!

Денко Малески

Back to top button
Close